Слободните зони ја изменија македонската економија

Слободните зони ја изменија македонската економија
Слободните зони ја изменија македонската економија
Концептот на слободни економски зони целосно ја промени македонската економија. Од година во година се зголемува и извозот од зоните и вкупниот извоз од државава, се пегла трговскиот баланс, се отвораат директни и индиректни работни места, се отвора бизнис за домашните компании, се воведуваат нови технологии и практики, целосно е променета структурата на извозот од Македонија, земјава во странство испорачува производи со висока додадена вредност. Ефектите од влезот на странските инвеститори во зоните се повеќекратни и видливи, пишува  ЛИДЕР.

Нови фабрики и работни места!

За разлика од порано, кога Бунарџик беше празна ливада, а странските инвеститори ја заобиколуваа Македонија како ризично место за вложување капитал, сега нашата земја е веќе етаблирана во светски рамки како атрактивно место за инвестирање. На ова се работеше долго време, преку концептот на роуд –шоуа и рекламирање на водечките телевизиски мрежи. Напорите резултираа со влез на големи и познати компании, кои отворија фабрики во Македонија и почнаа да работат.

Како се зголемува бројот на странски компании кои инвестираат во нашата земја, така се зголемува и бројот на технолошко – индустриски развојни зони. Досега се формирани 14, во вкупно 23 компании.

Во моментов овие компании вработуваат 5.300 луѓе, но до крајот на годинава ќе отворат уште 1.800 работни места.

„До крајот на годинава нивниот план е да додадат уште дополнителни 1.800 работни места, што значи дека оваа бројка ќе биде 7.100 луѓе во зоните, само од оние компании кои во моментов се таму присутни. Во моментот кога овие компании ќе стигнат до оптималната вредност на нивните бизнис – планови, ќе бидат креирани вкупно 16,5 илјади работни места, само од овие компании“ – вели директорот на слободните зони, Виктор Мизо.

Компаниите од Бунарџик и од Штип се веќе разработени, но и оние кои се новајлии во слободните зони, како на пример американската КСС во Кичево, веќе ги прават развојните планови.

tirz-zoni-640x426

„Импресивна е бројката на работни места што ја создадовме. До крајот на 2015 имавме 153 вработени, до крајот на оваа година ќе имаме приближно 700, а до крајот на 2017 година ќе имаме илјада вработени“ – вели Рауф Гаспари од КСС.

Се зголемува соработката со домашните компании

Во моментов, повеќе од 500 домашни компании соработуваат со странските инвеститори. Дел како добавувачи се вклучени во производствениот синџир, дел работат на обезбедување разни услуги за странците. Бизнис – колачот го делат производствени компании, градежници, адвокатски и консултантски фирми, сервисери, транспортери, логистика. Лани инкасирале речиси 50 милиони евра од партнерството со странците.

„Јас очекувам овој позитивен тренд да продолжи како резултат на активноста на домашните компании и зголемената соработка со странските инвеститори, но и поради најавените нови странски инвестиции кои ќе отворат фабрики и ќе придонесат кон намалување на невработеноста во земјава“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.

Веќе е во тек проектот што се работи со Светска банка и со ИФЦ за сертифицирање на домашните фирми.

„Треба да се зголеми квалитетот на услугите и на производите коишто ги пласираат домашните компании за потребите на странските компании. На тој начин, индиректно ќе влијаеме на зголемување на бројот на вработени, на зголемување на извозот и на зголемување на додадената вредност“ – смета  потпретседателката на Советот на странски инвеститори, Ирена Јакимовска.

Mакедонските компании го имаат знаењето и искуството, полека се прилагодуваат на префинетите барања на странците.  Па така, дел од домашните фирми, не само што ги задоволуваат потребите на компаниите од зоните, туку станаа и нивни добавувачи на глобално ниво. Вакви искуства веќе имаат фирми кои работат со „Ван Хул“ и со „Џонсон Мети“, а штипска „Актива“ од партнерството со Белгијците изгради целосно нова фабрика.

„Фабриката доби нови нарачки за потребите на „Ван Хул“, за нивните фабрики во Скопје и во Белгија, се збогативме со нововработени млади луѓе и стручен кадар“ – вели директорот на „Актива“, Иле Николов.

Економистите сметаат дека оваа соработка може да оди уште подлабоко.

„Мислам дека во наредниот период ќе бидеме сведоци и на „joint venture“ активности во зоните.  Ова е позитивно за македонската економија, бидејќи ќе придонесе за дополнителни вработувања, зголемена потрошувачка, повисоки плати, забрзан раст“ – оценува универзитетскиот професор Сашо Кожухаров.

Најважно, соработката на странските со домашните компании резултира со создавање илјадници индиректни работни места.

„Работниците земаат плата, одат во локални продавници, купуваат, трошат, со што се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Позитивните ефекти не се само оние од непосредното вработување“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.

тирз

И домашен капитал во слободните зони

Годинава во Бунарџик влегуваат и две домашни компании: „Хајтек“ и „Технопласт“. Вкупно треба да отворат 500 работни места.

„Ова претставува надградба на нашиот производ со новододадена вредност, со што ќе овозоможивме поголем извоз од земјава и повеќе вработувања“ – вели првиот човек на „Хајтек“, Саво Станковиќ.

Извозот од зоните урива рекорди!

Извозот од слободните економски зони урива рекорди. Лани биле испорачани производи во вредност од 1,5 милијарда евра, што претставува раст од 26% во однос на претходната година. Нето – ефектот меѓу извозот и увозот изнесувал 228 милиони евра.

Лани, извозот од слободните економски зони претставуваше 36 проценти од вкупниот извоз на државава, што само ја потенцира важноста на странските инвестиции кои влегоа во Република Македонија и работат во слободните економски зони.

Сите показатели укажуваат дека годинава ќе се натфрли ланскиот рекорд. Во јануари е достигната вредност од 120 милиони евра (за 14% повеќе од истиот месец во 2014-та година), а во февруари извозот од зоните изнесувал околу 144 милиони евра (за 36% повеќе во однос на февруари лани).