Путин на средба со грчкиот државен врв

Путин на средба со грчкиот државен врв
Путин на средба со грчкиот државен врв

Рускиот претседател Владимир Путин денес е во Aтина на средби со грчкиот државен врв. Попладнево Путин ќе се сретне со грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и премиерот Алексис Ципрас со агенда за разговор за потенцијали руски инвестиции во транспортниот и енергетскиот сектор и засилување на грчко-руската трговска и туристичка соработка.

Ова е прва посета на Путин на Грција по 10 години пауза. Рускиот претседател доаѓа со голема владина и бизнис делегација, вклучувајќи ги и првите луѓе на руските гиганти за гас и нафта „Гаспром“ и „Роснефт“, што отворено го покажува рускиот интерес за грчката приватизација и засилување на намалената грчко-руска економска соработка.

Покрај дискусијата за купување на солунското пристаниште и грчката железница, Путин се очекува да ги изнесе на маса и идеите за поголема енергетска соработка. Русија се обиде да го постигне ова преку обидот да се купи грчката компанија за гас „ДЕСФА“, која конечно отиде во рацете на Азербејџан. Рускиот гас и натаму е единствениот во Грција, а денешната средба ќе ги отвори разговорите за можното заживување на Јужен Тек и соработка со грчката компанија за електродистрибуција.

Грција се надева оваа посета да помогне и да се зголеми дополнително бројот на руските туристи, кои се едни од најбројните на грчките плажи и во грчките цркви и манастири.

Паралелно со Путин во Солун пристигна рускиот патријарх Кирил.