Собранието расправа за Комисијата за импичмент на Иванов

Во рамки на 103. седница, Собранието на Република Македонија ја започна расправата за одлуката за формирање на Комисија за оценување на основаноста на Предлогот за утврдување одговорност на претседателот Ѓорге Иванов за одлуката за аболиција, поднесен од страна на опозицијата.

Комисијата за оценување на основаноста на Предлогот за импичмент на Иванов треба да брои 11 члена, претседател ќе биде пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Зоран Илиоски, од чија пратеничка група ќе има уште пет члена, по два од ДУИ и од СДСМ и  еден од ДПА.

СДСМ го спори соодносот на составот на Комисијата. Според координаторот на пратеничката група на Горан Сугаревски, нема соодветна застапеност на пратеничките групи во Комисијата врз основа на бројот на мандатите. Сугаревски обвини дека шестмината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ во Комисијата треба да ја бранат криминалната врхушка на владејачката партија, а претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата дека го прекршил Деловникот на Собранието.

– Иванов сега никој не може да го спаси. Што ќе напишете за седум дена во Извештајот. Има сериозно прекршување на Уставот. Иванов постапи по член што не постои, рече Сугаревски. Според него, целта била во изминатите 40-50 дена да се спречи работата на Специјалното јавно обвинителство.

Пратеникот Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека Комисијата не суди туку ја разгледува основаноста на предлогот, а откако ќе биде прочитан Извештајот на Комисијата за оценување на основаноста, Собранието ќе расправа дали претседателот направил прекршок или не и ќе се изјасни за неа. Говорот на Сугаревски, според Илиоски е класичен цинизам.

Партија која овие две години покажува дека не му е важна ниту една институција во Македонија, дека не му е важно Собранието, Уставниот суд, Претседателот… на крајот на краиштата дека не му е важна волјата на граѓаните. Сега го браните Уставот и законите, рече Илиоски.

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски потсети дека единствено активна аболиција има за лидерот на СДСМ Зоран Заев за случајот „Глобал“ и му порача да не ги става сите политичари „во ист скут“ бидејќи се деаболицирани.

Димовски од говорницата прочита издвоено мислење на судијките на Уставниот суд Наташа Габер-Дамјановска и Гзиме Старова, за враќањето во примена на членот 11 од Законот за помилување кој уредува дека претседателот на републиката по исклучок мора да дава помилување и без спроведување на постапка. За него беспредметна е оваа дебата, а на некои лица им пречат ставовите и одлуките на Иванов во врска со мигрантската криза и заради некои односи во државата и пред се заради неговиот цврст став за прашањето за името.

Сугаревски од говорницата го праша координаторот Димовски, дали е намерна или случајна грешка е тоа што е направено во едно од поништувањето на аболицијата за Никола Груевски, Сашо Мијалков и Гордана Јанкуловска. – Јас за „Глобал“ немам што да кажам, додаде Сугаревски.

ДУИ е заинтересиран да се расправа за иницијатива бидејќи Иванов, според пратеникот Џевад Адеми направил „голема беља“, но потсети дека за изгласување на предлогот потреби се 82 гласа „за“.

Седницата треба да продолжи по редованата пауза.

Дебата на седницата предизвика и предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на претседателката на собраниската Комисија за образование, наука и спорт, Олга Најденовска, поднесена од пратеници на опозицијата, да се расправа како последна точка на дневниот ред.

Покрај ова на дневен ред на седницата се и неколку предлог закони по скратена постапка како што се измените на Законот за Националната инфраструктура на просторните податоци на Република Македонија, измените на Законот за спортот, измените на Законот за заштита и спасување, измените на Законот за полиција и измените на Законот за продажба и давање под закуп на деловните згради и деловните простории на Република Македонија.

Пратениците ќе расправаат и за Извештајот за работата на Агенцијата за администрација  за 2015 година, како и за годишните извештаи за 2015 година на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2015 година, Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државната комисија за жалби по јавни набавки и други.