СДСМ: Владата го намали јавниот долг првпат по 2008 година

Владата предводена од СДСМ ги рационализира трошоците и одговорно и транспарентно управува со парите на граѓаните, а преку домаќинското работење и одговорното управување со долговите успеа да го намали јавниот долг првпат по 2008 година, соопшти СДСМ реагирајќи на прес-конференцијата на Христијан Делев од ВМРО-ДПМНЕ.

– Парите на граѓаните повеќе не се трошат тајно и расипнички за палми, врби, споменици и панорамски тркала, туку транспарентно и отчетно се користат за повисока минимална плата, за решавање на проблемот со стечајците, за мерки за вработувањa и поголема помош за домашните претпријатија. Ширењето лаги и вадењето цифри од ракав на функционери на опозициската партија, нема да го сокрие фактот дека ВМРО-ДПМНЕ за време на своето владеење го дуплираше јавниот долг од 23 проценти од БДП во 2008, на 47 отсто од БДП во 2016 година, пишува во реакцијата на СДСМ.

Владејачката партија посочува дека ВМРО-ДПМНЕ зад себе  оставила огромен долг кој, како што наведува, е резултат на расипничко, коруптивно и криминално работење на раководството на партијата.