Иран му порача на Трамп да се грижи за бездомниците и гладните во САД

На американскиот претседател Доналд Трамп, кој неколкупати го поддржа антивладините протести во Иран во кои има најмалку 21 жртва, би му било подобро да се занимава со милионите бездомници и гладни во САД, порача во вторникот портпаролот на иранското министерство за надворешни работи.

„Наместо да го губи времето испраќајќи бескорисни и навредливи твитови против други народи, би му било подобро да се занимава со проблемите во својата земја, во прв ред со секојдневните убиства на десетици луѓе и со милионите бездомници и гладни“, изјави портпаролот на иранската дипломатија, Бахрам Гашеми.

Американскиот претседател Доналд Трамп, меѓутоа, продолжи со нападите на Twitter врз власта во Иран.

„Народот на Иран, конечно, прави нешто против бруталниот и корумпиран ирански режим. Сите пари коишто (поранешниот американски претседател Барак) Обама толку глупо им ги даде отидоа на тероризмот и завршија во нивните ‘џебови’. Луѓето имаат малку храна, голема инфлација и немаат човекови права“, напиша Трамп во вторникот.

Главното иранско реформистичко тело, со коешто претседава поранешниот претседател Мохамад Хатами, го осуди во вторникот насилството над демонстрантите но и „големата измама“ на САД.

„Предизвикувачите на безредијата ги искористија мирните собири и протести (…) за да уништуваат јавен имот и да ги навредуваат светите верски и национални интереси“, соопшти Здружението на верските борци,

Реформаторите ја поддржуваат и учествуваат во владата на умерениот претседател Хасан Роухани.

„Заколнатите непријатели на иранскиот народ, предводени од САД и нивните агенти (….) ги поддржаа и охрабрија предизвикувачите на безредијата и насилствата, што ја покажува големата измама на оние коишто тврдат дека ја бранат демократијата и иранскиот народ“, се додава во соопштението.

Реформаторите, исто така, ги повикаа иранските челници да преземат мерки „за да ги решат економските проблеми на луѓето и да одговорат на нивните оправдани барања“.

Иранските власти го обвинуваат поранешниот претседател Хатами, кој беше на власт од 1997 до 2005 година, дека ги поддржал протестите во 2009 година против повторниот избор на поранешниот ултраконзервативен претседател Махмуд Ахмадинеџад кога масовните протести беа насилно задушени со многубројни жртви. Но Хатами, посебно неговиот син, беа обвинети за корупција и поради тоа негови фотографии, ниту името јавно не смеат да се објавуваат во иранските медиуми.