Адеми го посети реновираното училиште „25 Мај“ во Гази Баба

Овој објект е еден од 33-те кои се реконструирани целосно од буџетот на Министерството за образование и наука, кое изгради уште три нови објекти во Шуто Оризари и во Боговиње. Се надевам дека во септември, кога ќе заврши постапката за инвентар, ќе ги пуштиме во употреба и учениците таму ќе учат во нови простории. Ќе продолжиме да инвестираме во реконструкции на училиштата според приоритетите и колку што дозволуваат буџетските можности.

Приоритети ни се објектотот во село Рашче, од кој дел е изгорен и подготвуваме негова цела реконструкција, и во село Сливник, општина Велес, за кое, исто така подготвуваме проект и се надевам дека брзо ќе го реконструираме, изјави министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, на свеченоста по повод реконструкцијата на основното училиште „25 Мај“ во населбата Ченто, општина Гази Баба.

Заменик-министерот Спиро Ристовски, во чиј министерски мандат почна реконструкцијата на „25 Мај“ во обраќањето рече дека во изминатиот период се работело на подобрување на условите за настава во сите општини, како што рече, без разлика на етничката припадност на учениците и наставниците.

Училиштето е целосно реконструирано со 25 милиони денари, инвестиција на Министерството за образование и наука, како и со учество на општината и вклученост на родителите и месните заедници.

Променет е покривот, има нова фасада, прозорци и под, со што е направен енергетски ефикасен објект. По 1963 година, кога била изградена, ова е прва градежна интервенција на училишната зграда.

Одговарајќи на новинарско прашање за бојкотот на дел од учениците поради лошите услови за настава во некои општини во Република Македонија, министерот Адеми апелираше да се вратат во училиштата зашто, како што рече, условите не може да се создадат за ден или за месец.