Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги со осуда за нападите врз новинарите и медиумите

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги најостро ги осудува физичките напади врз главната уредничка на весникот „Вечер“ и снимателите на ТВ Сител и кршењето на просториите на Радио Слободна Македонија.

Во контекст на настаните од последниве денови, Агенцијата повикува да се почитува правото на медиумските работници слободно и непречено да ги извршуваат своите професионални обврски со оглед на тоа што слободата на информирање и правото на слободен прием и пренесување на информации се едни од темелните вредности на едно демократско општество.

Претходно, нападите врз новинарската екипа на ТВ Сител и нападот врз медиумите Радио слободна Македонија и Република беа осудени и од страна на Македонската Асоцијација на новинари.

Во денешното соопштение упатено до јавноста МАН апелира да прекинат заканите, насилството врз новинарите и категорично укажува дека никој не смее да ги попречува претставниците на медиумите во вршењето на својата работа.

МАН уште еднаш посочи дека разликите треба да бидат предмет на дебата, разменување на мислења и идеи, но тоа да не резултира со навреди, закани и физичко насилство врз претставниците на медиумите и побара надлежните најостро да ги казнат сторителите.

Во знак на протест против насилството и притисоците врз медиумите, на денешната прес-конференција во СДСМ, камерманите симболично ги спуштија камерите, а на лидерот Зоран Заев му беше подарен Уставот на Република Македонија.