Активиран договорот за стабилизација и асоцијација меѓу ЕУ и БиХ

Советот за општи работи на Европската унија во Луксембург донесе одлука за активирање на Договорот за стабилизација и асоцијација со Босна и Херцеговина, седум години по неговото потпишување.

Оваа одлука е усвоена без расправа и претставува исполнување на европското ветување за евроинтеграциите, доколку лидерите на БиХ покажат подготвеност за реформи.

Активирањето на спогодбата значи деблокада на европскиот пат за БиХ, што ќе зависи од напредокот во спроведување на реформите во следните месеци.

Европската Унија како приоритети ги издвојува реформите во здравството, образованието и социјалниот сектор, изградба на функционална пазарна економија и правна држава и зајакнување на административните капацитети со цел да се подобри ефикасноста на институциите на сите нивоа.

Договорот за стабилизација и асоцијација официјално треба да стапи во сила на 1 јуни.