Паско Кузман и актуелниот директор меѓу осуммината уапсени за кражбите во Музејот на Македонија

Осум лица, меѓу кои и актуелниот и поранешниот директор на Музејот на Македонија се уапсени денеска поради кражби на вредни артефакти од музејското депо.

Јавното обвинителство, кое ја води истрагата, информираше дека приведени се З.В., С. К-С., П.Ј., Ч.К., П.К., Ј.К., Д.К., А.Е., поради присвојување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости, како и за злоупотреба на службената положба и овластување и несовесно работење во службата.

Според обвинителство, 162 археолошки предмети се украдени од Музејот во периодот од ноемри 2011 до октомври 2013 година.

„Основаното сомневање произлегува од досега прибавените докази, а особено од извршените претреси, одземените предмети и документација, поголем број на инвентарни книги, влезни и излезни книги, депојна книга, извештај од археолошки ископувања“, се вели во информацијата од Обвинителство.

Оттаму додаваат дека побарале судот да им изрече притвор на уапсените. Инаку, поранешниот директор на Музејот, Паско Кузман, веќе се наоѓа во домашен притвор поради случајот „Фаланга 2“.