Одговор на Министерот за надворешни работи на Руската Федерација, г-дин Сергеј Лавров, на прашањето на грчкиот новинар за проблемот со името, објави во понеделникот вечерта руската амбасада во Македонија, преку официјалниот ФБ профил.
Прашање: Деновиве се обновуваат преговорите за името на соседната земја на Грција, Поранешната Југословенска Република Македонија. Грците се навредуваат поради тоа што името «Македонија» е неправедно бидејќи поголемиот дел од територијата на старата македонска држава денес и припаѓа на Грција. Соседната земја со таквото име може да има територијални претензии. Пред извесно време руски претставници кажуваа дека можат да го ревидираат ставот за името на таа држава доколку се променат условите. Како го коментирате тоа?
Лавров: Руски претставници кажуваа? Jа признавме Македонија како Република Македонија. И ја признаваме во тоа својство.
Прашање: А доколку се сменат условите? Дали ќе биде пронајден некој нов компромис?
Лавров: Што се однесува до активизираните преговори и напори за решавање на проблемот со името «Македонија». Тие преговори мошне долго време беа во полузаспана состојба и се интензивираа дури тогаш кога САД решија дека Македонија мора да биде дел од НАТО.
И, бидејќи Грција веќе е во НАТО вие како да немате потреба да правите отстапки, додека Македонија, пак, која сакаат да ја вовлечат во НАТО, како да има потреба од таквите отстапки. Тоа во суштина е тоа.
Какво име Грција и Македонија и да усогласат за Поранешната Југословенска Република Македонија, доколку за него има официјално решение пропишано во Уставот на Република Македонија, најверојатно сите ќе го признаат. Но суштината на тоа што се случува се надевам дека сите ја разбираат. Сега воопшто не станува збор за водење сметка за некои заеднички и специфични особини на два блиски народа, туку за тоа дека една од тие земја мора да ја направат членка на НАТО.”