Амбасадорот Ангелов во Атина ги претстави потенцијалите на македонско-грчката соработка

Унапредувањето на соработката ќе доведе до продлабочување на довербата меѓу Македонија и Грција, а таа е неопходен предуслов за постигнување на решение за разликите со името, беше пораката на македонскиот амбасадор во Атина, Дарко Ангелов, во рамките на излагањето во ЕЛИАМЕП центарот.
На тркалезната маса насловена како: „Надминување на ќорсокакот преку соработка: пристап за градење доверба меѓу Скопје и Атина”, амбасадорот Ангелов пред грчките и меѓународни дипломати, експерти и новинари ја реафирмираше подготвеноста за поголема соработка со јужниот сосед, која што во континуитет се манифестира преку големиот број на иницијативи и предлози од македонска страна.
Како што јавува дописникот на Нетпрес од Атина, македонскиот амбасадор настанот го оцени како корисен и изрази надеж дека тој ќе биде само еден од многуте кои што во иднина ќе се организираат како во Грција, така и во Македонија, насочни кон продлабочување на меѓусебното разбирање.
 За македонските иницијативи за соработка во повеќе области и за зголемување на комуникацијата на сите нивоа, амбасадорот Ангелов минатата недела разговараше  и со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕиас, кој што дал позитивен одговор.