„Анима Мунди“: Помогнете им на децата кои вдишуваат лепило

Активисти од здружението за заштита на животните „Анима мунди“ апелираат до институциите да ги згрижат децата кои „дуваат“ лепило во најлон-кеси во централното градско подрачје. Kако што тврдат, наишле на нив деновиве, во подрумот на Градскиот трговски центар, кога отишле да нахранат мачка која имала мали маченца.

– Наидовме на морничава сцена на скалите кои водеа кон подрумот. Шест, седум деца на возраст до десет години, лошо облечени, некои од нив боси, стиснати едни во други, лежеа на скалите и вдишуваа лепило. Сцената беше болна, шокантна, но она што повеќе шокира беше инертноста на возрасните луѓе што поминуваа покрај нив како да се невидливи, како ништо да не се случува – сведочат активистите со апел да се помогне на овие деца кои живеат на маргините на општеството и се животозагрозени.

Опишуваат дека малолетниците биле зашеметени.

– Вдишувањето лепило ја менува состојбата на свест. Најчесто, по вдишувањето доаѓа до повишена возбуда, еуфорија во однесувањето. Некаде по половина час, корисникот е зашеметен, очите му солзат, видот му е ослабен, замаглено ги гледа предметите и луѓето околу себе, му брмчат ушите, губи рамнотежа. Kонсументите често паѓаат во несвест, во сон. Многубројни се случаите на смрт, во случаи на губење кислород поради силно врзани кеси околу вратот – информираат од „Анима мунди“.