Арнаудовска на семинар за мерење на ефектите од обуките за судии и обвинители во Загреб

Директорката на Академијата за судии и јавни обвинители Анета Арнаудовска, утре и задутре ќе присуствува на семинар за „Мерење на резултатите и ефектите од обуките-предизвици за соодветна евалуација и оценка на реакторно ниво“, во Загреб, Хрватска.

Целта на семинарот е да се понудат најдобрите практики во однос на евалуацијата и оценките од спроведните обуки наменети за судиите и јавните обвинители.

Од посебно значење за правосудството на Република Македонија, како што информираат од Академијата, е дискусијата и размената на искуства на темата за оценка на обуките, од причина што, ваквата новина за прв пат е внесена во новиот Закон за Академијата за судии и јавни обвинители, а е во правец на унапредување на квалитетот на обуките, како една од компонентите за подобрување на стручноста на судиите и јавните обвинители во Република Македонија.

Семинарот го организираат Европската мрежа за правосудна обука (ЕЈТН) и Работната група за методи на правосудна обука (ЈТМ) при Европската мрежа за правосудна обука.

На семинарот ќе учествуваат претставниците на правосудните институции задолжени за спроведување на обуки кои се дел од Европската мрежа.