
Oсновачот на “Wikileaks”, Џулијан Асанж, ги обвинил САД дека потрошиле милијарди долари за да ја оттргнат Украина од влијанието на Русија и да ја стават на своја страна.
“Доколку тоа не може да се направи со членство во НАТО, тогаш треба да стане независна од влијанието на Москва,да се намали рускиот воено-индустриски комплекс и руските поморски бази на Крим”, рекол Асанж од еквадорската амбасада во Лондон, во интервјуто за аргентински медиум, пренесува Russia Today.
Тој исто така оценил дека Исламската држава е “резултат на авантуризмот на Западот”, но дека последица од сето тоа е дека Вашингтон повеќе не е “единствен играч на Блискиот исток”, бидејќи Турција, Катар и Саудиска Арабија ја зголемиле својата моќ во последните години и успеале да стекнат одредена независност од САД.
Асанж навел дека меѓу документите на “Wikileaks” има и такви кои докажуваат дека Израел на почетокот го поддржувал Хамас, за да направи раздор меѓу Палестинците.
Асанж, кој е австралиски државјанин од 2012. година, се наоѓа во еквадорската амбасада во Лондон, каде што му е одобрен политички азил, а шведските власти барат негово екстрадирање поради обвиненија за силување.