„Атеисти на Србија“ бара да се воведе црковен данок

Граѓанското здружение „Атеисти на Србија“ ја повика државата да воведе т.н. „црковен данок“, да почне со оданочување на верските заедници во земјата и да престане со нивно финасирање од државниот буџет.

На веб страната на здружението се посочува дека само Српската православна црква (СПЦ) од државниот буџет на Србија добива по околу седум милиони евра годишно.

Здружението предлага Србија да воведе „црковен данок“, по примерот на Германија, преку кој би се обезбедувале средства за верските заедница во земјата.

„Црковниот данок“ би го плаќале сите даночни обврзници кои ќе се декларираат како верници, со тоа што за таа цел би издвојувале осум отсто од своите примања.

Според проценките на „Атеисти на Србија“, на овој начин со дополнителното оданочување на оние кои сега се декларираат како верници, СПЦ би добивала приход од околу 760 милиони евра годишно.

Меѓутоа, здружението оценува дека ако се воведе овој данок. тогаш „би станало јасно дека СПЦ нема ниту 5.000 верници“, па затоа Црквата не се согласува со оваа идеја.

– СПЦ игра на сигурно – седум милиони евра од Буџетот секоја година, неплаќање даноци и голем број привилегии за обработливи површини, градежни земјишта, недвижен имот и услуги од државата, оценуваат „Атеистите на Србија“