Бан Ки-мун: Турција да ги почитува суверените права на Кипар

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-мун побара што е можно побрзо обновување на мировните преговори за решавање на кипарското прашање, јавува МИА.

Мировните преговори беа прекинати на почетокот на месецов поради конфликт меѓу Анкара и Никозија во врска со енергетските наоѓалишта во овој реон.

– Генералниот секретар на ОН изрази загриженост, во врска со зголемување на тензиите поради енергетските наоѓалишта во близина на островот и прекинот на преговорите, се наведува во соопштението објавено од светската организација.

Бан Ки-мун потенцира дека двете страни на Кипар треба да се вратат на преговарачка маса, а исто така ги повика и земјите од регионот да соработуваат околу овој проблем, со цел да се постигне напредок во мировните преговори за повторно обединување на средоземноморскиот остров.

ЕУ, исто така, изрази загриженост од зголемената тензија меѓу Кипар и Турција околу експлоатацијата на енергетските ресурси во источниот дел на Средоземно Море, се наведува во предлог-заклучоците од средбата на врвот на лидерите од земјите-членки на ЕУ, која се одржува во Брисел.

– ЕУ е сериозно загрижена поради ескалирањето на тензијата во Средоземното Море. Унијата бара од Турција да ги почитува суверените права на Кипар. При ваква ситуација Европскиот совет смета дека повеќе од било кога е важно да се најде глобално решение во Кипар во корист на сите кипарски граѓани, се додава во текстот на предлог-заклучоците.