Бебе од мигрантско семејство во Белгија застрелано во полициска потера

Двегодишно девојченце пронајдено со смртоносни повреди во Белгија по полициска потера починала од куршум со кеј било погодено во лицето, соопштија обвинителите во петокот.

Девојченцето било во комбето во коешто се наоѓале 30 курдски имигранти кои полицијата ги гонела повеќе од еден час на југот од Белгија.

Во текот на потерата, којашто започнала на автопатот Е42 близу градот Намур, дошло до престрелка. Портпаролот на полицијата изјавил дека не знае дали фаталниот куршум го истрелал полицаец. Службата за итна помош во првичниот извештај погрешно напишала дека причина за смртта на бебето е повреда на главата.

„Обдукцијата покажа дека причина за смртта е куршум кој влегол во образот“, изјавил за AFP обвинителот Фредерик Барисо и додал дека полицијата не може да потврди кој го истрелал куршумот.

Белгиските медиуми, пак, објавија дека девојченцето, коешто било со мајката, било подадено низ прозорецот на комбето за полицијата да се држи на дистанца. Локалните обвинители засега не ги потврдуваат овие медиумски извештаи.

Потерата започнала недалеку од Намур во четвртокот рано утрото. Комбето бегајќи пред полицијата возело неколку километри кон запад и се судрило со друго возило крај местото Монс кога девојченцето било пронајдено. Во потерата учествувале 15 полициски автомобили и 30 полицајци, а била завршена околу еден час по полноќ.

Имигрантите сместени во блискиот камп Гран-Синте го познавале загинатото бебе, бидејќи нејзиното семејство било сместено во гимнастичката сала, соопштија од полицијата.