Македонија,Економија

БЕГ со подобри услуги за корисниците од Аеродром и Ново Лисиче

БЕГ со подобри услуги за корисниците од Аеродром и Ново Лисиче

Компанијата Балкан Енерџи Груп АД Скопје (БЕГ), одговорна за централното греење на корисниците во градот Скопје, денеска пушти во употреба нов инфраструктурен објект од стратешко значење за корисниците на топлинска енергија.

Се работи за топловод со должина од 750 метри и дијаметар од 350 мм кој е поставен по должината на Булеварот „3-та Македонска ударна бригада“. Топловодот ќе ги подобри квалитетот, стабилноста и ефикасноста во испораката на топлинска енергија кон постоечките корисници во населбите Аеродром и Ново Лисиче, и ќе овозможи приклучување кон системот за централно греење на новите корисници од населбата Аеродром кои гравитираат кон булеварот Булеварот „3-та Македонска ударна бригада“.

При поставувањето на новиот топловод употребени се најсовремени германски технологии на предизолирани цевки кои значително ќе ги намалат загубите при преносот на топлинската енергија и ќе обезбедат посигурно снабдување со топлина. Во топловодот е вграден специјален мониторинг систем за детекција и дојава на дефекти и протекување што овозможува нивно брзо и лесно наоѓање и отстранување.

Изведениот проект претставува продолжение на интензивната инвестициска активност на БЕГ за внесување модерни технологии во процесот на производство и испорака на топлинска енергија и воспоставување нови стандарди за квалитет на услугите кои ги обезбедува за своите корисници.