Свет

италијанската десница демонстрира сплотеност Берлускони ќе го поддржи челникот на евроскептичната Лига за италијански премиер

Берлускони ќе го поддржи челникот на евроскептичната Лига за италијански премиер

Силвио Берлускони ќе го поддржи евроскептичниот партнер и челник на партијата Лига, Матео Салвини, во обидите да состави влада, потврди поранешниот италијански премиер во интервјуото објавено во средата во миланскиот дневен весник Corriere della Sera.

Четирите парии во коалицијата на десниот центар се договорија во текот на предизборната кампања за минатонеделните парламентарни избори дека лидерот на партијата којашто ќе освои најмноги гласови ќе ја води идната влада на Италија.

Во личниот пораз на Силвио Берлускони, крајно десната поранешна Северна Лига, којашто пред изборите се преименуваше во само Лига во напорите да се промовира како партија којашто не е регионално врзана само за развиениот север на Апенинскиот полуостров, ја надмина неговата Напред Италија (FI), освојувајќи 17 отсто од гласовите наспроти 14 отсто за FI.

„Почитувајќи ги нашите договори, сега лојално ќе ги поддржиме обидите на (Матео) Салвини да состави влада…. Тука сум да го поддржам, да гарантирам веродостојност на коалицијата и да го одржам нашето ветување пред гласачите“, вели меѓу другото Берлускони во интервјуто.

Изборите во неделата во Италија резултираа со поделен парламент и преговорите за составување на нова влада ќе траат со седмици, а можеби и со месеци. Евроскептичната Лига, како водечка партија во победничката коалиција на десниот центар, како и естаблишмент и евроскептичното Движење пет ѕвезди, како поединечно најсилната партија во парламентот, сметаат дека претседателот Серџо Матарела треба да им го довери мандатот за состав на новата влада на нивните челници.