Битола ќе добие сала за спортско стрелаштво

Советот на општина Битола донесе одлука за почнување постапка за доделување на договор за воспоставување јавно приватно партнерство за изградба на спортска сала за спортско стрелаштво- затворени стрелишта за воздушно и огнено оружје на подрачјето на општина Битола.

Спортскиот стрелачки центар ќе биде со вкупна површина под објект од 1.300 метри квадратни под Тумбе Кафе, а одлуката за јавно приватно партнерство е резултат на недоволниот буџетски фискален капацитет кој локалната самоуправа треба да го обезбеди за изградба на спортски стрелачки центар.

– Оправданоста за доделување на Договорот за јавното приватно партнерство произлегува од потребата за развивање на стрелаштвото кое како спортска гранка е на високо ниво во општината и затоа се залага продолжувањето на оваа традиција да биде ефектуирано со изградба на објект по највисоки стандарди во кој ќе се овозможи поголем развој на стрелаштвото. Во рамки на спортскиот стрелачки центар, приватниот партнер ќе има право, а со цел да обезбеди неопходно ниво на ценовна ефикасност на приватното учество и разумен поврат на инвестицијата, да изгради и други простории  во функција на спортскиот стрелачки центар за вршење на комерцијални економски активности, информираат од општина Битола.