Борисов пречекан во Владата со сите почести

Бугарската владина делегација што ја предводи премиерот Бојко Борисов попладнево со највисоки државни и воени почести беше пречекана на платото пред Владата на Република Македонија.

Веднаш по пречекот, премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, заминаа на тет-а-тет состанок, по што е предвидена и средба на делегациите на владите на двете земји, а потоа ќе се одржи церемонијата на потпишување на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија од страна на двајцата премиери.

Заев и Борисов

Како составен дел на оваа церемонија се и потпишувањата на меморандуми за соработка од страна на ресорните министри за транспорт, односно енергетика и економија.

Високата државна владина делегација на Република Бугарија ќе биде примена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов и од претседателот на Собранието Талат Џафери.

Програмата на официјалната посета на претседателот на Владата на Република Бугарија на Република Македонија ќе финишира утре со заедничко чествување по повод националниот празник Илинден во црквата Свети Спас во Скопје.  Премиерите Заев и Борисов заедно ќе положат венци цвеќе на гробот на Гоце Делчев.

Заев и Борисов

 

Преку заедничко соопштение Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Македонија и Бугарија го поздравија амбасадите на САД во Скопје и Софија и Делегацијата на ЕУ во Скопје.

– Договорот ги потврдува блиските врски меѓу Македонија и Бугарија и ја демонстрира добрата волја од страна на двете држави да ја засилат меѓусебната соработка во интерес на своите граѓани. Таквиот ангажман претставува охрабрувачки пример за решавање на спорните прашања меѓу соседите и за зацврстување на политичката стабилност и засилување на економскиот развој на Западен Балкан. Ние ги поздравуваме Македонија и Бугарија за овој историски чекор насочен кон иднината, се наведува во заедничкото соопштение на амбасадите на САД во Скопје и во Софија.

Шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија амбасадорот Самуел Жбогар оцени дека Договорот за добросоедство со Бугарија е пример како две држави можат сами да решат проблем кој постоел многу години.

 – Јас морам да го поздравам овој договор, затоа што мислам дека е договор кој ќе ги промени односите не само меѓу двете земји, туку и во регионот. Тоа е пример како две држави можат да го решат проблемот кој постоел многу години, и како можат да го отворат патот на соработка за во иднина, вели амбасадорот Жбогар.

 

 

Извор: МИА