Британецот Еванс и Русинот Хачанов го одиграа најдолгиот натпревар во историјата на УС Опен

Британецот Ден Еванс (АТП-184) и Русинот Карен Хачанов (АТП-22) во вторникот го одиграа најдолгиот меч во историјата на УС Опен, а по пет часа и 35 минути игра, победи британскиот тенисер со 6-7 ( 6/8), 7-6 (7/2), 7-6 (7/4), 4-6, 6-4.

АТП на социјалната мрежа Х му честиташе на 34-годишниот Британец за победата во „најдолгиот меч во историјата на УС Опен“.

Откако првите три сета беа решени во тај брејк, а четвртиот го освои Хачанов, Еванс заостана со 0-4 во последниот сет пред да направи пресврт и да ги добие последните шест гема од оваа маратонска пресметка.

Претходниот рекорд на УС Опен датира од 1992 година, кога Швеѓанецот Штефан Едберг победи против Американецот Мајкл Чанг во полуфиналето по пет часа и 26 минути.

Карлос Алкараз и Јаник Синер се доближија до тој рекорд во 2022 година, играјќи во четвртфиналето во меч кој траеше пет часа и 15 минути, а до победата тогаш стаса Алкараз.

Најдолгиот грен-слем меч во историјата беше одигран на Вимблдон во 2010 година меѓу Французинот Николас Маут и Американецот Џон Иснер, а американскиот тенисер на крајот славеше по 11 часа и пет минути при што последниот сет заврши со 70-68 во негова ползат. Потоа, сите големи турнири, најдоцна до 2022 година, воведоа супер тај-брејк (прв до 10 поени) во случај на нерешени 6-6 во последниот сет.