Британија одобри екстрадиција на Тодориќ во Хрватска

Британски суд ги отфрли тврдењата на основачот на „Агрокор“, Ивица Тодориќ дека бил политички прогонуван и донесе одлука тој да биде екстрадиран во Хрватска, каде треба да му се суди за злоупотреби од над 110 милиони евра. Тодориќ има седумдневен рок за обжалување на одлуката.

Господинот Ивица Тодориќ ќе остане на слобода со построги мерки на претпазливост се до правосилна одлука за испорачување во Хрватска. Тој мора секој ден да се јавува во полицијата, а не смее да излегува од својот дом по 21 часот, соопшти судијката од Вестминистерскиот суд, Ема Ербутнот.

На Тодориќ му се блокирани 64,4 милиони евра во Хрватска, Велика Британија, Холандија и Канада, а претстојот во Лондон го финансира со парите од продажбата на семејната куќа на неговата сопруга.

Таа ја продала семејната куќа за 250.000 евра и тие пари ги донела и пријавила во Велика Британија. Средствата биле наменети за плаќање на кауцијата на Тодориќ од 100.000 и за животни трошоци во Лондон.

Основачот и поранешен сопственик на „Агрокор“, како и 14 други осомничени се под истрага во Хрватска во врска со фингирање податоци во компанијата, која е најголема приватна фирма во Западен Балкан, со околу 60.000 вработени.

Во ноември минатата година, откако беше приведен во полиција во Лондон по меѓународна потреница, Тодориќ изјави дека ќе се бори против екстрадиција.

Тој ги отфрла обвиненија за злоупотреби и изјави дека тие се политички мотивирани.