Четири нови компании инвестираат 5 милиони евра во Илинден

Општина Илинден продолжува да се развива економски во секој поглед. Кон крајот на минатиот месец, заврши и електронското јавно наддавање за отуѓување на градежно земјиште за шест парцели. „Маргони“, „Палкомак“, „Агрома“ и „Конико“ се новите компании кои ќе инвестираат во оваа општина.

Новите инвестиции се во вкупна вредност од 5 милиони евра, а во новите фабрики ќе се вработат 170 лица. Објектите ќе се градат на површина од 43 илјади квадратни метри.

Четири компании на последниот оглас ги откупија парцелите во Илинден. Максималните вработувања се 50, а додека пак минималниот е 20.

Компанија „Магрони“ ќе гради деловен центар и логистичко-дистрибутивен центар за пијалоци. Вкупната инвестиција изнесува 2.300.000 евра, со што ќе бидат отворени нови 50 слободни работни места.

Компанијата „Палкомак“ купи две парцели на кои ќе гради магацинско дистрибутивен центар за суровини во областа на преханбената индустрија и деловен простор. Вкупната инвестиција е проценета на 1.200.000 евра, и ќе овозможи вработување на околу 50 лица.

Компанијата „Агрома“ се стекна со сопственост на две градежни парцели на кои ќе гради погон за производство и дистрибуција на репроматријали за преханбена индустрија. Вкупната инвестиција се проценува на 1.000.000 евра, со што ќе се создадат услови за 50 нови вработувања.

Компанијата „Конико“ ќе гради магацинско дистрибутивен центар за хардверска опрема и информатичко-комуникациска технологија. Вкупната вредност на инвестицијата е проценета на 500 000 евра, и ќе креира нови 20 работни места.
Ноемврискиот инвестициски циклус претставува производ и плод на спроведување и реализација на реален и ефективен концепт за овозможување поволни услови за влез на инвестиции во Општина Илинден, и значително ќе придонесе за локалниот економски одржлив развој, и регионалниот развој.