Чилиманов: Казните се небулозни, медиумите се казнуваат за тонот на гласот на уредниците

Откако ад-хок телото за медиуми одлучи телевизиите „Сител“ и „ТВ Нова“ да добијат прекршочни пријави поради небалансирано известување, вчера дел од членовите на овој орган за медиуми го изразија своето несогласување со последната одлука за поднесување предлог за поведување прекршочна постапка против „Сител“ за наводно неизблансирано во периодот од 12 до 21 септември.

Во описот на прекршување се оценува дека трговското радиодифузно друштво телевизија Сител ДООЕЛ Скопје го прекршило член 75 став 1 од Изборниот Законик со начинот на известување за партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Потенцираме дека законот и со Методологијата на АВМУ не се определуваат доволно прецизни критериуми за радиодифузните друштва да можат да го прилагодат своето известување и не се прецизира меѓу кои политички субјекти треба да се постигне приближен баланс. И покрај тоа, квантитативните анализи извршени од Програмскиот Сектор на Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиуми покажуваат дека трговското радиодифузно друштво телевизија Сител ДООЕЛ Скопје, во периодот на мерењето од 12 до 21 септември 2016 година, во огромна мерка се постигнал баланс во покривањето на активностите на партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, што се потврдува и со описот на прекршувањето, стои во издвоеното мислење потпишано од членовите на ад хок телото за медиуми, Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова.

Одлуката за изрекување прекршочни пријави беше донесена со три гласа „за“ и двајца „против“ и со неа се предвидува медиумскиот мониторинг на Агенцијата за медиуми да предложи да поведе прекршочни против двете телевизии.

Во врска со ваквата одлука на Комисијата, Цветин Чилиманов, во изјава за Нет Прес посочува дека очекувал во една комисија која е формирана од лица предложени од партиите, да пристигнат и партиските барања за казнување медиуми, но дека не очекувал АВМУ да потпадне  под притисоци и да продуцира субјективен извештај за известувањето на медиумите. Тој посочува дека постојат низа недоследности и дека додека едни телевизиски прилози, како што вели, се прогласувани за прекршување на правилата на балансирано известување,а други кои како што вели се скоро идентични но се однесуваат на друи партии и се емитуваат на други телевизии не се казнети.

Според него загрижува тоа што во извештајот на повеќе страници детално се опишуваат постапките, ставовите и гримасите на еден уредник во Сител. Оттука, како што вели, оценката се однесува на еден човек, а не на цела телевизија.

„Извештајот за Сител е фокусиран на само еден човек и буквално наликува дека е субјективно направен, конретно за еден човек. Оттука оценивме дека станува збор за лична пресметка, а ад-хок телото и Агенцијата не се места за лични пресметки“, објасни Чилиманов.

Тој посочува дека и понатаму принципиелно ќе се бори против казнување на медиумите, а истовремено ќе посочува на ваквите, како што вели, двојните стандарди.

Мојата позиција во телото е комотна, бидејки до мене не доаѓаат барања за казнување на медиуми, напротив, барањата доаѓаат исклучиво од партијата СДСМ, преку нејзините претставници. И за очекување беше дека на првиот состанок кога партиските барања за казнување медиуми ќе пристигнат, Привремената Комисија ќе се разијде во мислењата. Не очекував дека и Агенцијата за Аудио и Аудиовизуелни Медиуми, која има не само сервисна, туку клучна улога во целиот процес, исто така ќе потпадне под притисоци и ќе продуцира субјективен извештај за известувањето на медиумите, каков што видовме оваа недела. Критериумите целосно се напуштија, и јас и на претставници на АВМУ и на моите колеги во привремената комисија им предочив низи и низи на недоследности. Едни телевизиски прилози се прогласувани за прекршување на правилата на балансирано известување, а безмалку идентични прилози, но кои се однесуваат на други партии и се емитувани на други телевизии, не се обележани како такви. Одлуката на тројца членови од Комисијата, двајца од нив од СДСМ, да гласаат за казнување на два медиуми, за небулозни причини, вклучително за тонот на гласот на двајца главни уредници, ќе отвори многу проблеми во идната работа на Комисијата, потенцира во изјавата за Нет Прес, Цветин Чилиманов.

Како неосновани и тенденциозни беа оценети одлуките на ад-хок телото и од страна на колегиумот на ТВ Нова, од каде посочија дека ваквите чекори од страна на телото ги разбираат  како директен атак врз медиумот.

Ваквите чекори од страна на ад-хок телото за медиуми, колегиумот на ТВ Нова единствено може да ги разбере како директен атак врз нашиот медиум, кој има за цел да го наруши неговиот кредибилитет. Но, главниот збор го немаат ниту партиските кујни, ниту некакви ад-хок комисии, главниот збор го имаат гледачите, чија доверба ТВ Нова успеа да ја освои за само седум месеци од формирањето, за што најдобро покажува постојаниот пораст на нејзината гледаност, се наведува во реакцијата на телевизија Нова.

Инаку, формирањето на ад-хок телото за мониторинг на медиумите, беше еден од условите на опозицијата за распишување на изборите, поради статусот со слободата во земјава.