Членот на „Златна зора“ кој уби грчки рапер останува во притвор

Советот на грчкиот Апелациски суд го продолжи за шест месеци притворот на Јоргос Рупакис, кој пред една година го уби раперот Павлос Фисас, објави МИА.

Според пресудата, обвинетиот, кој е обвинет за убиство на 34-годишниот музичар и затоа што е член на криминалната организација Златна зора, ќе биде задржан во притвор уште шест месеци во очекување на почетокот на судењето.

На 21 септември ќе се наврши токму една година откако Рупакис е во затвор, во очекување на судскиот процес за убиството што ја покрена судската истрага за нелегалните активности на неофашистичката партија Златна зора како криминална организација.

Вториот налог за апсење на Рупакис беше издаден во октомври минатата година, под обвинение за учество во криминална организација. Во меѓувреме, кандидатот за пратеник на Златна зора на парламентарните избори во 2012 година е осуден условно на една година затвор поради тоа што во документарен филм изјави дека „сака да направи сапун од мигрантите“ и „да направи ламби со нивната кожа“.

Александрос Пломаритис бил снимен во документарниот филм „The Cleanersс“ (Чистачите) како отворено ги кажува своите намери во еден атински кварт чиј кандидат беше на изборите.

Пломаритис пред судот во Атина рекол дека не зборувал за мигрантите, туку за „левичарите“ и оти се работело за „приватен разговор„, за шега меѓу пријатели“. Документарецот, дело на студентот по кинематографија Константинос Јоргусис, бил емитуван во многу ограничен круг во Грција.