Дачиќ: Како ќе реагираат ЕУ и УЕФА за инцидентот кој беше провокација

Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ смета дека инцидентот на синоќешниот фудбалски натпревар меѓу Србија и Албанија во Белград е однапред испланирана провокација.

Орфи Рама, братот на албанскиот премиер Еди Рама, бил уапсен во ВИП ложата на стадионот „Партизан“ под сомнеж дека го организирал инцидентот со албанското знаме, по што натпреварот беше прекинат.

– Вакво нешто не се случило на ниту еден фудбалски натпревар и тоа е претходно подготвено. Главно прашање за мене е како ќе реагираат ЕУ и УЕФА, бидејќи ако некој од Србија го развиореше знамето на „Голема Србија“ во Тирана или Приштина, тогаш проблемот веднаш ќе беше ставен на дневен ред во Советот за безбедност на ОН. Во овој инцидент неоспорен е фактот дека е организиран од братот на албанскиот премиер, кој требаше тука да биде гостин. Ова е политичка провокација, истакналДачиќ.

Тој додал дека во текот на целиот вчерашен ден европски дипломати вршеле притисок да им се дозволи на албанските навивачи да влезат на стадионот, иако тие биле запрени на аеродромот и немале билети за натпреварот. Дачиќ смета дека Србија нема никаква одговорност за прекинот на натпреварот.

Инциденти синоќа се регистрирани и во Виена каде Албанци кршеле излози од угоистителски објекти на Срби. Австриската специјална полиција, како што јавуваат локалните медиуми, спречила поголеми судири меѓу Албанците и Србите во тој град.