Денес стартува новото издание на ASOBAL лигата

Со Барселона како главен фаворит, денес официјално стартува ново издание на шпанската ASOBAL лига, која првиот дел ќе го има до почетокот на декември, а потоа по мундијалот во Катар од фебруари до средината на мај следува пролетниот дел. Општ впечаток е дека ова ќе биде нешто поизедначен шампионат за разлика од минатата сезона, иако ќе биде прворазредна сензација ако Барселона не ја освои титулата.

Одличниот раст на Грањолерс, кој во саботата ги намачи Лазаров и другарите во ASOBAL Суперкупот, треба да биде еден од главните противкандидати на екипата на Пасквал. Доведувањето на Пејановиќ на голот се предвидува како битен напредок во тимот на Грањолерс. Овој клуб ги доведе и Фигуерас, Валадао и Толедо. Значително се засилија сите каталонски тимови, но и Натурхаус Ла Роха која предминатата сезона играше финале на Купот, а минатата за прв пат и во Лигата на шампионите.

Клубот од Логроњо ги доведе Хорхе Гомез Лите, Пабло Качеда, Филип Штенмалм и Виктор Виго. Во ова 25 издание на шпанската лига, потврда по статусот изненадување ќе бара Хуеска која ги доведе Тоњо Картон, Аугустин Касадо и Адам Савиќ, а традиционално свои сметки има Адемар Леон за кого од оваа сезона ќе настапува македонскиот интернационалец Дарко Димитриевски. Клубот го врати во Шпанија Алберт Рокас, а потпиша и со 24 годишниот норвежанец Томас Кристенсен од Хаслум. Своја тренерска кариера почнува и легендарниот бивш член на Барса и шпанската репрезентација Деметрио Лозано, кој ќе го води Арагон.

За клубот од Сарагоза потпиша данецот Себастијан Кох Хансен. Областа Навара ќе ја претставува Хелветиа Анаитасума која го задржа Шулц, а ги доведе Алехандро Марселона, Гонзалез Новел и Ибаи Меоки. Сегурос Замора и Бенидорм се нови членови на најсилната лига на актуелниот светски првак. Нашиот интернационалец Кирил Лазаров откако минатата сезона успеа да го освои ова натпреварување без пораз, сега ќе брка нови рекорди. Тој ќе ја почне својата четврта сезона во Шпанија, втора во дресот на Барселона. Лазаров во кариерата има 15 освоени национални првенства, само една помалку од бројот на национални Куп трофеи. Заради учеството на IHF Суперглоб во Доха, мечот од првото коло со Арагон, Барселона ќе го одигра денес од 20 часот во „Палау Блауграна„ Потоа в сабота Лазаров и соиграчите ќе одпатуваат во Доха, каде го бранат трофејот од мундијалот за клубови освоен во овој период минатата година.