Дениса еден ден пред да исчезне ни напиша кратка порака дека извесен период не ќе можеме да комуницираме, вели за весникот „Нова Македонија“ Киро Маркоски, татко на 23-годишната прилепчанка која на 12 септември изчезнала од бродот на кој што работела, додека тој пловел околу Крит.
Последната комуникација на Дениса Маркоска со нејзиното семејство се случила на 7 септември, на нејзиниот роденден, а разговарале преку Фејсбук.
Дениса на луксузниот руски брод последен пат била видена околу 2.30 часот во петокот. Исчезнувањето било пријавено околу 5 часот, додека бродот пловел меѓу Родос и Крит.
Таткото Киро вели дека неговата ќерка морала да замине да заработува, поради семејната состојба, поради што и не се запишала на факултет.
– Ден пред да исчезне напиша кратка порака дека не ќе можеме извесен период да комуницираме. Само толку, ништо повеќе не ни напиша. Отиде на брод да заработи. Не се запиша на факултет поради семејните состојби. Скршени сме од болка. Сакаме да знаеме што се случи со нашата Дениса – вели Киро Маркоски за „Нова Македонија“.
Во петокот изутрина, капетанот на бродот на фирмата „Волгобрил“, кој пловел околу Крит, пријавил во грчката полиција дека на бродот ја нема 23-годишната прилепчанка Дениса Маркоска. Полицијата тргнала во потрага по девојката, а за нејзиното исчезнување била известена и Канцеларијата за врски при македонската амбасада во Атина, која контактирала со семејството.
Потрагата сè уште трае, а вклучен е и Интерпол.