Ракометниот шампион на Македонија, тимот на Металург во сабота ќе се обиде да стигне до првата победа во новата сезона од Лигата на шампионите.
Тимот од Автокоманда гостува во Брест кај Мешков, натпревар од кој многу може да зависи конечниот пласман на „металурзите“ во групната фаза.
-Добро го познаваме нашиот следен противник во Лигата на шампионите и мислам дека в сабота ќе ни претстои уште една тешка задача, во која ќе треба максимално да се вложиме за да оствариме позитивен резултат. Со елиминацијата на Татран Прешов во квалификациите, Мешков Брест сезонава најави дека има сериозни амбиции во Лигата на шампионите, па сметам дека натпреварите од групната фаза ќе бидат многу различни од натпреварите од Регионалната лига. Имаме уште два дена за анализа на нивната игра и за подготовка на наша стратегија, која се надеваме дека ќе ни ја донесе првата победа сезонава во Лигата на шампионите – вели Ванчо Димовски во пресрет на гостувањето кај Мешков Брест.