Димовски: СЈО и Јанева се коалиционен партнер на СДСМ

Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, откако Катица Јанева повторно во Собранието и пред пратениците го оспори нивниот легитимитет и ја навреди независната пратеничка Роза Топузовска Каревска, жестоко реагираше и побара извинување за изречените навреди или пак таа да даде неотповиклива оставка.

„Морам да реагирам како координатор на најголемата пратеничка група во Собранието на Република Македонија, на клеветата на која што и вие треба да реагирате за легитимитетот односно за немањето на легитимитет на ова Собрание. Изборите од 2014 година се спроведоа на близу 3000 избирачки места, без ниту еден приговор и со извештај на меѓународните институции кои што кажуваа дека тие избори се спроведоа според сите демократски стандарди. Нарушувањето на легитимитетот односно оспорувањето на легитимитетот на ова Собрание е оспорување на правото на 500 илјади гласачи кои што гласале за победничката партија, но исто така и близу 150 илјади гласачи кои што гласале за најголемата политичка партија која што ги претставува нашите сограѓани албанци во Република Македонија. Во ова Собрание мнозинството е составено од 80 пратеници, мнозинство кое што скоро никогаш да го немало во изминатите 20 и неколку години. За било кој раководител на институции да ги искаже овие зборови треба да има потврдена ситуација. Г-ѓо Јанева дозволете ми да ви укажам, вашата улога е да искажувате сомнеж, а не да искажувате пресуди. Тоа е вашата улога и на вашите колешки. Можете вие да имате истражни постапки, можете да имате предистражни постапки, можете да имате и обвиненија. Конечната одлука дали правно сте во право ќе кажат судовите во Република Македонија. Бидејќи си дозволувате политички коментар, ќе ви кажам и вам и на СДСМ, граѓаните ќе ви кажат за два месеци колку ја ценат вашата работа, колку ја почитуваат вашата работа и дали вашата работа е исправна“, рече Димовски.

Дополнително, по овој невиден преседан направен од страна на Катица Јанева, Димовски потенцираше дека доколку Јанева не се извини, таа и институцијата која што ја води ќе бидат само коалиционен партнер на СДСМ и ништо повеќе.

„Жалам што институцијата е ставена во практично коалиција со СДСМ. Вашите коментари кон нас и кон Парламентот и кон колешката Топузовска Каревска, апсолутно потврдуваат дека вие не извршувате правна функција во Република Македонија, туку извршувате политичка функција и тука апсолутно немам никаква дилема. За другите работи околу грешките што ги направивте во приодите, за тоа дека само предистражните постапки се тајни, а всушност истражните постапки се тајни и тоа е според законот за кривична постапка, но вие кажавте поинаку. Но на тоа ќе се задржиме во текот на репликите. Ова е преседан, раководител на институција кој што е назначен во постапка спроведувана во Собранието да оспори легитимитет. Ве гледам и ве замолувам, доколку го мислите тоа што го кажавте да дадете оставка од функцијата што ја добивте, да ги вратите парите кои што Собранието ви ги овозможило и да кажете дека законот што сме го донеле за вашата работа е нелегитимен. Доколку тоа го направите, јас ќе бидам првиот од пратениците што ќе дојде и ќе ви подаде рака и ќе ви честита. Во спротивно ќе важите како еден од коалиционите партнери на СДСМ“, заврши Димовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.