Димовски: Здруженијата да дадат свои предлози за Законот за медиуми

Членот на Извршниот Комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски денеска ги повика сите здруженија на новинари, медиумските асоцијации – регионални, национални и локални, граѓанските здруженија, како и здруженијата од цивилното општество кои имаат интерес од оваа тема, наредниве денови да поднесат писмени предлози и концепти за кои сметаат дека би помогнале во подобрувањето на оваа проблематика, како и во постигнувањето медиумски развој.

Димовски истакна дека е потребно да се донесе Европски законик, кој функционира во ЕУ и кој ќе гарантира стандардизација, професионализација и либерализација во медиумската сфера.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати било каков предлог кој би значел зголемување на казните за медиумите и партизација на државните органи надлежни за оваа проблематика.

Во однос на предлозите што досега беа доставени пред работните групи кои што преговараа за Законот за медиуми, Димовски рече дека предлогот на СДСМ би значел директна партизација, а на Ванхауте индиректна партизација и додаде таков модел нема во ниту една европска земја. Тој смета дека е потребно да се превземе еден од европските законици кои веќе имаат примена во некоја од земјите во ЕУ.