Дневник: Час не го менува Уставот, час го менува – И Рамковниот договор за Заев е тесен

Kога лидерот на Социјалдемократскиот сојуз, Зоран Заев, го иницира прашањето за двојазичност на целата македонска територија во септември – за што е неопходна промена на Уставот, неговиот сопартиец и технички министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, побрза да го поправи и дополни претседателот изјавувајќи оти не станува збор за промена на Уставот, ами само имплементација на веќе поставената уставна рамка за употреба на јазиците на малцинствата, пишува Дневник.

Според таа рамка, употребата на малцинските јазици во институциите е дозволена во оние општини каде што има мнозинско албанско или друго малцинско население.

Но, подоцна Заев во интервју, а и на средба со граѓаните во Прилеп, објасни дека всушност тоа што Спасовски го рекол е неточно, односно дека тој сепак има намера, доколку победи на изборите на 11 декември, да воведе двојазичност дури и во градови како Прилеп, Штип, Струмица, каде што или нема малцинства или тие се во многу мал процент. Тоа се градови во кои, според споменататa уставна рамка, се користи македонскиот јазик, што со други зборови значи дека за се задоволи Заев, ќе биде неопходна нова измена на Уставот.

Непостојаноста и контрадикторноста во ставовите на СДСМ не се новина, а дека двојазичноста е во моментот еден од главните адути за кои Заев се надева дека ќе му донесат глас плус, е и неговиот настап пред дијаспората во Швајцарија. Таму порачал дека верува оти оваа Македонија може да се стреми да стане обединета Швајцарија и еднаква за сите.

– Тука сме обединети и јас како претставник на македонската политичка компонента говорам на собир каде што мнозинството е составено од Албанци. Јас сум прв од македонските политичари што се ангажирам за еднаквост и единство со целиот ризик дека со ова може да ги изгубам гласовите на оние што не веруваат во оваа можност за еднаквост. Јас ги отворив овие теми независно од тоа кој е засегнат и ова го направив за доброто на Македонија. Верувам дека оваа Македонија може да се стреми да стане обединета Швајцарија и еднаква за сите – рече Заев во обраќањето.

Само што веројатно никој не му рекол дека идејата за Македонија како обединета Швајцарија е прилично стара и изворно му припаѓа на Ванчо Михајлов. Проблемот е што, според таа идеја, во таква Македонија нема Македонци, туку припадници на околните народи – Бугари, Срби и Албанци и тие како и Германците, Французите и Италијанците во Швајцарија треба да создадат обединета Македонија.

Тоа што сега се јавува како нова ситуација е дека Заев од Швајцарија побара проширување на Рамковниот зашто тој бил, како што вели, рамка, а секоја рамка значела ограничувања. А секое менување на Рамковниот подразбира смена на Уставот во неговиот дел што ги регулира меѓунационалните прашања, што отвора пат со несогледливи последици. Тоа дури и на албанските партии им е јасно, па затоа обично своите барања ги конципираат во смисла на целосно исполнување на Рамковниот, но не и повеќе од тоа. Сега Заев им отвора нов пат и на ДУИ и на ДПА.

Изречните барања и ветувањата на Заев во многу наврати за време на оваа политичка криза се менуваа многу брзо. Прв пример за тоа се изборните датуми, кои прво категорично ги бараше, а потоа се презакажуваа повторно на негово инсистирање.

За сите одложувања поставуваше нови услови и инсистира истите да се исполнуваат, а во спротивно изјавуваше дека не постои атмосфера за фер и демократски услови. Па, така, изборниот датум првин беше закажан за 24 април минатата година, па потоа беше одложен за 5 јуни, што повторно не се случи.

Непостојаноста гради недоверба и несигурност, а добар дел од граѓаните реално и с` уште не верува дека изборите ќе се одржат на закажаниот датум – 11 декември, иако предизборната кампања почнува на 21 ноември в понеделник.