Македонија

До крајот на годинава ќе се распише тендер за железницата Бељаковце-Крива Паланка

До крајот на годинава ќе се распише тендер за железницата Бељаковце-Крива Паланка

Кон крајот на годинава ќе се објави тендер за градба на втората фаза од железничкото поврзување со Бугарија, односно за потегот од Бељаковце до Крива Паланка, најави премиерот Никола Груевски при денешната посетана крива Паланка, пренесува МИА.

Тој посочи дека во тек е реализацијата на првата фаза на потегот од Куманово до Бељаковце во должина од 31 километар и инвестиција од 40 милиони евра.

– Ова е голем проект кој не е само важен за Крива Паланка, туку за целата наша држава и значи поврзување со Бугарија, нешто за што долго се говори и за што во деведесеттите години имаше ветување и некои залудни инвестиции коишто пропаднаа. Се работи за значајно поврзување на Македонија со Бугарија, а за Крива Паланка ќе има поголема вредност затоа што ќе добие поврзување со Бугарија, со Скопје и со останатите делови кои се железнички поврзани во Македонија, изјави Груевски, одговарајќи на новинарско прашање.

Прецизира дека се очекува во септември идната година да започне градбата на втората фаза, а за третата фаза се работат проектите и по нивното завршување ќе почнат и следните процедури.