Дома се вратил со такси, се скарал со татко му и ги извршил убиствата

Пробиштипското село Злетово не памети кога во еден биле погребани четворица свои соселани. Во растојание од само три часа, на вечното почивалиште беа испратени Иле (63) и Јана (63) Михајловски, Методи Димитровски (51) и нивниот убиец Драганчо Манаилов (40), кој си го одзеде животот со бесење. Погребите беа организирани во различно време за да не дојде до напрегнатост меѓу ужалените семејства. Атмосферата во селото е мрачна, пишува Утрински весник.

Што точно се случувало во вторничкото утро? Вистината со себе во гроб ја однесе Драганчо, а во Злетово кружат непотврдени сознанија.

Утрински весник пишува дека Манаилов, кој бил професионален војник во АРМ, во пет часот наутро требало да чува стража во кумановската касарна. Со службената униформа и со оружјето – се појавил на работното место. Но, наместо до седум часот, колку што траела смената, тој за кусо време си заминал и седнал во такси-возило. Постојат непотврдени сознанија дека неговите колеги веднаш ја алармирале полицијата оти вооружениот Драганчо се упатил кон родното село, по што, наводно, била организирана заседа на раскрсницата на излезот од Пробиштип, каде што патот се двои кон Штип и кон Злетово. Дали заседата била доцна поставена, зошто не биле обезбедени куќите на семејствата на жртвите, дали војникот користел друг пат до Злетово, дали воопшто нешто од ова е точно – тешко е да се каже.

Од касарната во Куманово до Злетово има 88 километри. Потребно е најмалку еден час да се стигне. Како што раскажуваат во Злетово, Драганчо најпрво отишол во куќата на своите родители, со кои живеел по разводот со сопругата. Таа е на горниот дел од селото, оддалечена стотина метри од куќата на Димитровски. Дома, наводно, се скарал со татка си за пушка. Ја зел својата „опел астра“ и се спуштил до соседите.

Блиски на семејството Димитровски  раскажуваат дека  се зборува дека Драганчо ноќта добил СМС-порака оти неговата сопруга е заедно со младиот Филип, тој поверувал и дотрчал да ги фати на дело.

Тука, наводно, испукал неколку куршуми во воздух. Момчето се сокрило на горниот кат од куќата, а надвор најнапред излегла мајка му. Била удрена со кундакот по глава, а потоа бил застрелан Методи Димитровски, чичко на Филип.

– Не е точно дека Филип и Радмила биле во врска. Па, ако беше така – сигурно ќе ги видеше некој во селово. Каде би се криеле, тука сите се познаваме едни со други, нема теорија да направиш нешто, а да не те видат. Филип е најмирното момче на светот, за Радмила, исто така, можеме да кажеме само најдобро. Нема шанси тие да биле во љубовна врска, таа беше мажена, тој бараше девојка. Гревота е тоа што му се случи на Методи. Тој се грижеше за Филип откако пред неколку години почина татко му. Методи беше инспектор во Општина Пробиштип, не беше женет и го сакаше Филип како свој син, зборуваа нивните блиски.

 

Според друга верзија, Манаилов, кој двапати бил на мисија во Авганистан, постојано се сомневал дека жена му го изневерува, наводно еднаш поради тоа и крвнички ја претепал. Од полицијата завчера информираа дека против него претходно биле поднесени две кривични пријави за тешки кривични дела: телесна повреда и тешка телесна повреда на членови на семејството. Зошто не реагирал Центарот за социјални работи – вчера не можевме да добиеме одговор, затоа што надлежните чекаа дозвола да зборуваат од Министерството за труд и социјална политика. Не ја добија.

Откако ги извршил злосторствата, Манаилов без пушката што му била одземена, седнал во автомобилот и се обидел да побегне. Го оставил на излезот од селото и тргнал пешки кон селото Древено. Пронајден е обесен на дрво до бачило на околу еден километар од Злетово. Не стигнал до крајната дестинација – оддалечена три километри од каде што потекнувале неговите родители.

Низ Злетово вчера на сите бандери беа поставени некролози на четворицата починати. Трагедијата засекогаш ќе остане како потсетник на крвавиот ноемвриски вторник.

Министерството за одбрана изрази длабоко жалење и искрено сочувство до семејствата на починатите. Заедно со Генералштабот на Армијата, формирале комисија за да се испита дали се почитувани правилата, процедурите и елаборатите за упатување на стража, употреба на лично вооружување, располагање со муниција и да се провери дали имало пропусти во примената на овие правила. Комисијата ќе има задача и да даде препораки за подобрување на постојните правилници и процедури со цел да се оневозможат вакви немили настани во иднина.

„Укажуваме дека огромниот дел од припадниците на Армијата на Република Македонија високо професионално си ги вршат своите поставени задачи. Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија ќе преземат соодветни мерки во насока на превенција за спечување на ваквите појави“, соопштија од Одбрана.

Министерот Зоран Јолевски потенцира дека „во вакви случаи е потребна соработка на сите институции кои преземаат активности во поглед на кривични пријави поднесување пресуди, како и центрите за социјална грижа.

„Ние имаме процедури кои се следат. Сите војници кои одат на стража им се вршат проверки, разговараат со нивните старешини со што се преземаат сите мерки за да не се случат вакви настани. Меѓутоа, сега со оваа процедура ќе видиме што треба дополнително да направиме за да се избегнат вакви настани“, нагласи министерот.

Началникот на ГШ, Горанчо Котевски, смета дека во овој случај биле презедени сите мерки, односно дека луѓето кои се упатуваат на стражарска служба се прегледани и подготвени. „Изразувам длабоко жалење за настанот што се случи. Ќе ги преземеме сите мерки да испитаме каде евентуално има недостаток на некои одредени прашања кои го регулираат сето ова“, потенцираше Котевски.