Досега 4.273 стечајци поднеле барање за паричен надоместок до АВРМ

Досега вкупно 4.273 невработени лица поднеле барање за остварување на право на материјално обезбедување на лицата кои останале без работа од фирми во доминантна или целосна државна сопственост, информираат од Агенцијата за вработување. 

Согласно законските измени, правото на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок може да го оствари невработеното лице кое ќе поднесе барање до Агенцијата за вработување каде што е евидентирано, во рок од 30 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно од 21-ви февруари, па заклучно со 22-ри следниот месец и тоа можат да го сторат во 30-те центри за вработување и 10-те дисперзирани канцеларии.

За да оствари право на материјално обезбедување во вид на паричен надоместок, лицето во споменатиот рок треба да се јави во центарот за вработување каде што е евидентирано и лично да поднесе барање на електронски образец (вграден во компјутерскиот систем), кое лично го потпишува пред службеното лице.

При поднесување на барањето невработеното лице доволно е да приложи само важечка лична карта на увид, за докажување на идентитетот на лицето, а сите други потребни документи и докази Агенцијата за вработување ќе ги прибави по службена должност. Сепак доколу невработеното лице носи со себе одредена документација и сака истата да биде приложена кон барањето, службеното лице истата ќе ја прикачи кон барањето.

Оттука,истакнуваат од АВРМ, не се точни наводите кои беа изнесени на медиумите од страна на некои невработени лица во центарот за вработување Велес, дека при поднесување на барањето на невработените лица им се бараат да достават и други документи, освен лична карта и нивно лично присуство.

Доколку се појават случаи каде на невработените лица им се бара дополнителна документација, освен лична карта, за истото да го известат Директорот на Агенцијата за вработување на [email protected], факс број +389 23 111 856 или по пошта на адреса ул: Васил Ѓоргов 43, 1000 Скопје.

Од АВРМ уште една потсетуваат и на услиовите кои што невработените лица треба кумулативно да ги исполнат, а тоа се: на невработеното лице да му престанал работниот однос во претпријатие со доминантна сопственост на државата, по основ на стечај, ликвидација или технолошки вишок од седми април 2000-тата заклучно со 31-ви декември 2013 година; остварил право на паричен надоместок во период од 07.04.2000 до 31.12.2013 година, по престанокот на работниот однос (технолошки вишок, стечај или ликвидација) и кое на денот на престанокот на работниот однос од 07.04.2000 до 31.12.2013 година имало најмалку 25 години работен стаж на осигурување (што се утврдува од листинг од ФПИОМ); кое по остварувањето на правото на паричен надоместок не било вработено на неопределено време, односно не му престанал работниот однос по негова волја и вина и претпријатието во кое му престанал работниот однос да било во доминантна државна сопственост, што се утврдува по доставување на барањето.

 Невработеното лице за да го оствари правото на материјално обезебедување, треба да ги исполнува сите горенаведени услови кумулативно, односно доколку лицето не исполнува еден од горенаведените услови, истото нема да го оствари ова право, односно ќе се донесе негативно решение.