Дванаесет лица повредени во сообраќајка кај Штип

Дванаесет лица се повредени во сообраќајната несреќа што се случи вчера кај бензинската пумпа на Макпетрол во близина на штипската приградска населба Три чешми, при судар на минибус на Струмица експрес и автомобил „опел астра“.

Директорот на Клиничката болница-Штип, Александар Стојановски вели дека 10 лица се со полесни, а две со тешки телесни повреди, од кои еден веќе е хоспитализиран во Клиничкиот центар во Скопје. – Во овој момент осум пациенти испратени се на обичен рентген и на компјутерски томограф. Во моментов во тек се тие процедури откако ќе завршат ќе добиеме подетална слика за состојбата на овие пациенти.

Еден од нив веќе е дијагностициран како политраума со повреди на лев рбетен кош, заедно со лево белодробие, нагмечување, повреда на кичмен дел, и тој ќе биде транспортиран за Скопје, како и вториот пациент кој е покритичен и треба да биде дијагностициран, вели Стојановски. Штипските пожарникари биле вклучени во извлекувањето на патниците од минибусот, кој што излетал од коловозот и се наоѓа во една бара.

Командирот на ТППЕ-Штип, Кире Патраклиев вели дека по извлекувањето на патниците, 10 од нив од местото на несреќата ги транспортирале со нивното возило. Според информациите од полицијата, до несреќата дошло откако автомобилот „опел астра“ излегувајќи од бензинската пумпа на Макпетрол удрил во минибусот на Струмица експрес кој се движел во правец кон Велес.