Џафери: Од 20-ти мај се’ зависи од волјата на мнозинството

Доколку претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов не му го додели мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ Зоран Заев согласно уставниот рок од десет дена, според претседателот на Собранието Талат Џафери, парламентарното мнозинство има експлицитно право да формира влада.

– Од 20-ти мај се зависи од волјата и постапката на мнозинството во Парламентот, рече Џафери на средба со новинарите, потенцирајќи дека формално-правно влада може да се формира и без доделување на мандатот од страна на претседателот.

Посакувам, кажа тој, варијанта Иванов да го додели мандатот согласно Уставот.

– Варијантата да не го додели мандатот значи кршење на Уставот член 1, став 90, рече Џафери.

За да нема никакви пречки за доделување на мандатот, Џафери рече дека му испратил и второ писмо на Иванов. Според него, доколку на 10-ти овој месец е архивиран тој допис, 19-ти мај е последен ден за доделување на мандатот и дотогаш тој како претседател на Собранието не може да покрене никаква постапка. Од формално-правен аспект доколку единаесеттиот ден мандатарот до него поднесе Предлог-програма и Предлог-состав на новата влада тој има обврска за 15 дена да свика седница.

На прашањето што доколку повторно има протести, рече дека граѓаните имаат право за протест, но оти не би требало да се повторат настаните од 27 април.

На средбата со новинарите Џафери рече дека имајќи ја предвид потребата од поскоро одржување на локални избори не е исклучено седницата за измени на Изборниот законик и одредување нов датум за овие избори да се одржува паралелно со седницата за избор на нова влада. Но, како што рече, тоа зависи од политичките партии односно од тоа дали и кога тие ќе постигнат договор за датум за одржување на локалните избори. Пред два дена тој имал комуникација со лидерите на ДУИ Али Ахмети, на СДСМ Зоран Заев и со претставник од ВМРО-ДПМНЕ и ги запознал со процедурите во однос на закажувањето на локалните избори. Обврска на политичките партии е да постигнат консензус и заедно да настапат со предлог пред Собранието за да може да се покрене постапката. Треба да се има предвид дека од распишувањето на изборите до нивното одржување има рок од 70 дена. Џафери смета дека иако во моментот не се формирани комисиите, формалната постапка за промена на Изборниот законик и за распишување на изборите може да се заврши во рок од еден ден. Собранието ако треба, рече тој, ќе заседава 24 часа и ќе бидат формирани комисиите, а измените ќе се донесат по скратена постапка.

Џафери, одговарајќи на новинарски прашања, смета дека во Собранието треба да се формира анкетна комисија која што ќе ги истражи настаните поврзани со случувањата на 27 април кога беа повредени пратеници, новинари и службеници од Собранието, но вели дека тоа не е негова надлежност, туку политичките партии застапени во Парламентот треба да предложат формирање на ваква комисија.

– Би требало да се формира ваква комисија. Покрај материјална штета направена е и политичка штета, а повредени се пратеници, новинари и други лица, рече Џафери. Во однос на политичката  одговорност неминовно е да се покрене постапка бидејќи во настаните, како што кажа, биле вклучени и одредени пратеници, и такво однесување не може да се толерира. Одговорноста на пратениците, потсети, е уредена со закон. Доколку се работи за дело коешто е до пет години затвор, пратениците може да се повикаат на својот имунитет, а доколку се работи за дело над пет години тогаш по барање на институциите Собранието треба да го одземе имунитетот. Одговорност мора да има и за направената материјална штета, вели Џафери.

Ниту една од политичките партии застапени во Парламентот до него не испратила допис дека формирале пратеничка група вклучувајќи ја и БЕСА, која ваков допис испрати до претседавачот со конститутивната седница Трајко Велјановски. Ова, според него, не е деловнички бидејќи дописот се испраќа до претседателот на Собранието, а не до претседавачот. Во однос на продолжувањето на конститутивната седница рече дека ќе ги покани претставниците на политичките партии на координација со него во понеделник.