Џихадистите се закануваат со напади во Лондон

Војниците од британската Кралска гарда, кои традиционално стојат како почесна стража пред кралските објекти во Лондон, дискретно се повлечени од некои локации или сега стојат зад оградите, а не пред нив, во интерес на нивната безбедост, јавуваат британските весници.

Ваквото решение, кое не е јавно обелоденето, е донесено откако безбедносните служби добиек сознанија дека џихадистите од разните милитантни исламистички групи, каква што е Исламска држава (ИД), се закануваат со терористички напади врз гардистите на кралицата Елизабета.

Гардистите познати по своите црвени мундири, црни панталони и големите шубари од мечкино крзно, се атракција на британскиот главен град и мета на бројните туристи, кои сакаат да се сликаат, да се пошегуваат со нив или некако да ги испровоцираат за да се насмеат, знаејќи дека тие со никаков гест нема да реагираат или да се одбранат од ваквите „провокации“.

Безбедносните служби сега стравуваат дека гардистите повеќе не се сигурни, затоа што меѓу веселите туристи кои сакаат да овековечат „момент на слабост“ на некои од гардистите, може да се вовлече и терорист, а посебно оние кои делуваат сами и кои не се дел од некоја териристичка мрежа, но се се силно „заразени“ со џихадизмот, за да изведат бомбашки или друг вид напад.

Експерти тврдат дека напади врз британски војници, а посебно врз кралските гардисти на британска почва се предизвик за џихадистите, поради големиот одглас и силниот пропаганден ефект, што тие веруваат дека ќе го постигнат со еден ваквиот тероризам.

Гардистите од пред резиденцијата Кларенс Хауз на престолонаследникот Чарлс, се тргнати од досегашните стражарски позиции, а на други места, зад оградите, од неодамна гардистите имаат „поддршка“ од вооружени полицајци.

Лондонски „Сандеј Тајмс“ открива дека на својата интернет страница Ал Каеда ги повикува џихадистите „осамени волци“ да извршуваат бомбашки напади врз авионите на „Бритиш Ервејз“ и на нискобуџетската авионска компанија „Изи Џет“.

Според инструкциите што им го дава Ал Каеда, станува збор за компании на кои секогаш има многу патници, па пропагандниот ефект би бил голем, затоа што нападите врз нив би имале силен одглас во британские и светските медиуми.7