ЕК не негира дека планира да испрати експерт за медијација и олеснување во Македонија

Европската комисија не негира дека преку Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) на Федерика Могерини подготвува да испрати експерт за медијација и олеснување на Европската унија за Република Македонија, кој ќе има мандат да посредува во решавање на политичката криза и превенирање од создавање на безбедносна криза пост-кумановските настани, јави МИА.

Портпаролакта на Еврокомисијата, Маја Коцијанчич, на денешната прес-конференција во зградата на неформалната Влада на Унијата, не сакаше да потврди, но не го негираше пишувањето на МИА од минатата недела, дека Брисел подготвува експерт за медијација и олеснување, каков што на почетокот на овој милениум во Македонија беше сегашниот генерален секретар на ЕЕАС, Ален Ле Роа.
– Не, не можам да го потврдам ова во оваа фаза. Но, знаете што е позицијата на ЕУ погенерално во однос на ситуацијата во Македонија. Знаете дека има посредување што се одвива од членовите на Европскио парламент, каде исто така има присуство и на еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан. Нашата позиција во тој случај останува како што веќе е истакнато, одговори нејасно портпаролката Коцијанчич.
Со оглед на кусото време до избор на експерт за медијација и олеснување, денешните преговори власт-опозиција во Македонија ги посредуваат ЕУ-амбасадорот во Скопје, Аиво Орав, како и американскиот амбасадор Џес Бејли. Сепак, за следните рунди се планира присуство и на Специјалниот претставник чија задача ќе биде да ги убеди политичките партии во земјата да ја вратат Македонија на евро-атлантскиот интегративен пат.