Експертите советуваат: Дајте и предност на локалната храна, откријте ги традиционалните производи

Слоу Фуд во рамки на проектот Есседра изготви водич насловен „Кога купуваш, мисли со главата!“ во кој се вметнати повеќе препораки што се однесуваат на тоа на што треба да се внимава при изборот на храна. Прирачникот на Слоу фуд е поделен во училиштата каде што се веќе одржани предавања на оваа тема, а може да го добие и секој што учествува на активностите на здружението.

priracnik2

Дел од препораките советуваат да и се даде предност на локалната, сезонска храна, да се откријат повторно традиционалните производи, да се посомневате во оние со предолга листа на состојки и неразбирливи имиња.

Исто така прирачникот ве советува да ги избегнувате производите кои содржат адитиви, вештачки бои и конзерванси, да ги одберете оние со соодветни информации за начинот на одгледување и производните техники, внимателно да ги читате декларациите на етикетите, вашиот избор нека бидат пакувања чии материи се биоразградливи, лесни за рециклирање, со што се намалува количината на отпад,…

Водичот почнува со совети за јадење помалку месо, а во него може да се прочита повеќе и за правилното одбирање риба, за препознавањето јајца од А класа, што зборуваат етикетите на производите и колку е битна амбалажата.

priracnik1

Посебен дел е одвоен за т.н. Тркало на сезоните кое сугерира консумирање производи во периодот на нивното природно зреење.

– Грав или домати кои се одгледуваат на отворени површини за време на нивната сезона имаат одличен квалитет и вкус, и секако се подобри од одгледаните во оранжерии што се собираат недозреани и патуваат илјадници километри, потсетува водичот.

Воедно укажува – кога купуваме храна, да бидеме љубопитни, внимателни, да научиме да го комбинираме задоволството со одговорноста.

– Изборот што секојдневно го правиме, влијае на нашето здравје, но и на земјоделството, животната средина и биодиверзитетот. Наша должност, како одговорни граѓани, е подетално да дознаеме за квалитетот на она што го купуваме и наше право е да добиеме вистински информации, стои во прирачникот.

priracnik

Се препорачува консумирање помалку, но поквалитетно месо од селски, локални фарми, месо добиено од животни кои ги одгледуваат здруженија на сточари, кооперативи, производители – кои се придржуваат кон строгите регулативи за исхрана и благосостојба на животните и кои обезбедуваат јасни информации за потеклото, обрнување внимание на цените (екстремно ниските цени се најчесто индикатори за експлоатирани животни и/или животна средина).

– Не треба да станете вегетаријанци, единствено што треба да направите е да консумирате помалку месо со добар квалитет кое потекнува од одржливи фарми и доколку е можно од локални раси. За да го избегнете загадувањето исто така е пожелно да им дадете предност на месните производи произведени на фарми со затворени циклуси, кои шталскиот отпад го користат како ѓубриво, се наведува во водичот.

Во однос на рибата, се препорачува купување цела и што посвежа, односно избегнување филети, додека најдобри јајца се оние, добиени од „слободно одгледувани” кокошки.

– Кокошките кои се одгледуваат на овој начин се поздрави бидејќи имаат целосна слобода која ги доближува до нивниот „природен” начин на живот. Се хранат со житарки по свој избор, а јајцата кои ги несат не содржат бои кои често се додаваат во храната на кокошките одгледувани во кафези за да се прикрие лошиот квалитет на жолчката, посочува водичот и додава дека на јајцата треба да стои потеклото, видот и локацијата на фармата каде што се произведени, ознаки кои воопшто не се лесни за разбирање.

Повеќе овошје и зеленчук, повеќе интегрални производи, помалку месо и шеќер, разновидна храна – се предлозите за здрава и избалансирана исхрана.