Електронска евиденција на податоците за пациентот

Здравствени работници од трите нивоа на здравствена заштита (примарно, секундарно и терциерно) од 1 јануари го користат електронскиот медицински дневник.

Со воведувањето на оваа новина во рамки на Националниот систем за електронски евиденции во здравството, МојТермин, тие веќе не ја користат пишаната евиденција, туку податоците за пациентот ги внесуваат само во електронскиот медицински дневник, а на крајот од работен ден го отпечатуваат и го верификуваат со потпис и факсимил.

На овој начин се формира комплетната слика за пациентот и се гради детално неговото медицинско досие. Во медицинскиот дневник се внесува значајна база на податоци кои се корисни за понатамошни анализи и статистички истражувања, пренесува МИА.

Ова денеска на прес-конференција го истакна проект-менаџерот на Националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“, Милан Аризанкоски кој рече до овој момент се внесени 190.400 податоци за прегледи во сите медицински дневници во Република Македонија. Појасни дека најголем процент припаѓаат на матичните лекари (75 отсто од податоците во електронскиот медицински дневник се од доктори од општа медицина, стоматолози и гинеколози), додека останатите 25 отсто се рамномерно распределени меѓу лабораториите, здравствените домови, општите и клиничките болници, како и универзитетските клиники.

Посочи дека секој преглед на пациент независно во кое ниво на здравствена заштита е спроведен, докторите се обврзани да го заведат во електронскиот систем, а со самото тоа записот од прегледот влегува во медицинскиот дневник. Во него се опфатени и пациентите кои не се осигуреници на ФЗОМ, туку имаат основ на осигурување од странска земја.

– Со електронското водење на медицинската евиденција односно медицинскиот дневник се заштедува значаен дел од времето на докторот и на медицинскиот персонал кои претходно податоците ги внесуваа двојно: во хартиениот медицински дневник и во електронскиот систем за евиденции во здравството, при што се трошеше доста време за административна работа, потенцира Аризанкоски.

Изминатите два месеци се вршела имплементација на дневникот во софтверските решенија кои ги користат здравствените установи, како и нивна интеграција со националниот систем Мој Термин.

– Во однос на изминатата 2014 година, во МојТермин се креирале вкупно 5.366.870 упати, преку кои биле прегледани 1.040.960 различни пациенти. Бројот на подигнати лекови во 2014 година изнесува 18.755.650, додека вкупниот број на електронски медицински досиеја во систем достигна бројка од 1.556.960, нагласи Аризанкоски.

Укажа дека од друга страна, вкупниот број пациенти кои не дошле на закажаниот термин изнесува 309.480 пациенити, а со тоа биле неискористени 431.650 термини. Исто така, се бележи зголемување на бројот на откажани термини – септември 21.350 откажани термини, ноември 25.300 откажани термини, а во декември 27.400.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека според новиот Закон одреден пациент ако не се појави два пати во месецот или четири пати годишно на закажан преглед, здравствената установа може да побара од него да уплати 50 отсто (просечната вредност на амбулатски пакет изнесува 600 до 700 денари) од вкупната вредност на прегледот.

Во врска со бројот на подигнати лекови кој во 2014 година изнесува 18.755.650, одговарајќи на новинарско прашање појасни дека податоците ги има Институтот за јавно здравје.

– Осумнаесет милиони подигнати лекови – во просек е 10 лекови по пациент. Според СЗО, одредени земји имаат од 4 до 7 лекови по пациент. Кај нас е нешто повеќе од тој максимум, додаде Аризанкоски.