Ерменските власти и натаму преговораат за ослободување на заложниците во Ереван

Во Ереван, каде група вооружени лица веќе шест дена во заземена полициска станица како заложници држат четворица високи полициски старешини, минатата ноќ беше мирно, јави ТАСС, пренесува МИА.

И натаму се во тек преговорите меѓу властите и напаѓачите за нивните барања – ослободување на лидерот на радикалната опозиција Жираир Сефилјан, оставка на претседателот на Ерменија, Серж Саркисјан и формирање нова влада.

Деталите од преговорите не се соопштуваат.

– Најважно е да не им наштетиме на овие преговори, затоа што мирната разврска на кризата е наша првенствена задача, објасни синоќа заменик претседателот на ерменскиот Парламент и портпарол на владејачката Републиканска партија, Едуард Шармазанов.

Синоќешниот митинг на опозицијта во близина на полицискаста зграда мина без инциденти. Подоцна таму останаа само 20-на лица.

Општинските служби утринава го исчистија реонот, што се уште е блокиран од силите на редот, кои со тешки камиони го затворија приодот кон влезот на зградата.

Во средата вечерта крај полициската зграда избувнаа судири меѓу демонстрантите и полицијата, при што беа повредени 51 лице, вклучувајќи и 29 полицајци. Притоа, 136 демонстранти беа приведени во полиција и потоа ослободени.

– Ние, како власт, ќе ги вложиме сите напори во Ерменија веќе да не се пролее крв, уверуваше вчера Шармазанов.