Ешли Кол е најблиску до Олимпико

Џонатан Барнет, агентот на поранешниот репрезентативец на Англија и поранешен фудбалер на лондонскиот премиерлигаш Челзи, Ешли Кол, потврди дека остварил контакт со раководните лица на италијанскиот клуб Рома, но и дека на нивната адреса пристигнале неколку примамливи понуди.

“Каква е моменталната ситуација околу иднината на мојот клиент? Моментално преговараме со неколку клубови, но ниту еден од нив не се натпреварува во англиската Премиер лига. Поконкретна информација ќе имаме за неколку дена. Моментално само преговараме. Точно дека имам контакт и со челниците на Рома, но ништо не е дефинирано”, изјави агентот на офанзивниот лев бек.

Италијанските медиуми пак се убедени дека Кол до крајот на оваа недела ќе биде претставен како најнова аквизиција на Рома, а со потпишувањето на понудениот 2-годишен договор, Кол ќе си осигура неделна плата од 40 илјади евра.