Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, синоќа го посети првиот човек на Светскиот Македонски конгрес, Тодор Петров, во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
Петров беше нападнат вчера по поставувањето на камен-темелникот на крстот во скопски Бутел. Тој со Груевски разговарал за неговата здравствена состојба и за она што се случило во ресторанот, кога влегле непознати лица и го претепале.
Вчера, околу 12 часот и 30 минути Петров физички бил нападнат во угостителскиот објект „Казабланка“ во Скопје, од страна на пет-шест лица. Од МВР излегоа со соопштение дека се преземаат интензивни мерки и активности за целосно расветлување на настанот и утврдување на инволвирани лица. Но и по речиси 11 часа од нападот нема информации дали се пронајдени сторителите и се повикани на информативен разговор. Се надеваме дека сторителите ќе бидат пронајдени и ќе бидат изведени пред лицето на правдата.