ФОТО+ВИДЕО: Еве зошто во Струмица и струмичко нема вода за пиење

Граѓаните на градот Струмица и населените места: Просениково, Добрејци, Дабиље, Градско Балдовци, Баница и во општина Василево: Ангелци, Градашорци и Едрениково, вчера и денеска се без вода за пиење. Вчера, при испуштање на вода од браната „Турија“ направена е штета, односно, скината е главната доводна цевка за водоснабдување на општина Струмица.

Зоран Ѓоргиев, директор на ЈПКД „Комуналец“ Струмица во изјава за порталот Струмицанет појаснува дека се работи за оштетување на главниот цевковод кој што ја носи водата до филтер станицата.

–  Тоа се случило меѓу 5:30 и 6:00 часот, но не по вина на Комуналното претпријатие, по вина на субјективни други фактори, кои што јас сега во моментот не можам да ги потенцирам или нагласам и затоа на терен увид вршат МВР и Јавното обвинителство, за да ги утврдат причините на кој начин е настанато оштетувањето на нашиот цевковод. Чекаме да се изврши увидот и потоа настапуваме ние со механизација, целата екипа на „Комуналец“ е подготвена да се соочи со овој дефект. Еве еден апел до граѓаните, дека денес и утре до попладневните часови градот Струмица и населените места ќе останат без вода за пиење, затоа апелирам граѓаните да се снабдат со вода за пиење, а воедно ние како комунално претпријатие и општина Струмица ќе го снабдуваме градот со цистерни на одредени пунктови се со цел граѓаните полесно да го поминат овој недостаток од вода. Се надеваме дека во најкраток можен рок со сите сили со кои располагаме, заедно општина Струмица и ЈПКД „Комуналец“ ќе се справиме со овој дефект и во најбрзо време да го завршиме, изјави Ѓоргиев.

Фото/Видео: strumicanet.com