Француски тур оператори заинтересирани за туризам во Мариово

Туроператори од Франција се заинтересирани за развој на меморијален туризам во Мариово, локација која како што информираат од општина Новаци чува големи тајни и спомени од времето на Првата светска војна.

Според градоначалникот на општина Новаци Лазар Котевски, отворањето на Мариово за развој на меморијален туризам директно ќе влијае врз развојот на локалната самоуправа, но и пелагонискиот регион.

– Најчестите јавувања за директни средби и посети доаѓаат од туристи и туроператори од Долна Нормандија, но барања за развој на меморијалниот туризам има и од друг делови на Франција. Новите генерации заинтересирани се да истражуваат и да се информираат за периодот од Првата светска војна и борбите што се воделе во Мариово и затоа ние презедовме конкретни активности, односно сега вршиме деминирање на една патека во должина од 6 килметри, ќе реновираме дел од тогашните ровови, а ќе воспоставиме водич за теренска прошетка, посочи Котевски.

Марјан Битола

Според проектните активности на општина Новаци, во наредниот период планирано е откопување на затрупаните магацини и болници во Мариово од Првата светска војна.