Германија ја повика ЕУ да создаде систем за плаќање независен од САД

Европа треба да создаде системи за плаќање кои се независни од САД, доколку сака да го спаси меѓународниот нуклеарен договор меѓу Иран и шесте светски сили од кои американскиот претседател Доналд Трамп ја повлече својата земја и воведе нови санкции, а големите европски компании се повлекоа од иранскиот пазар по заканите дека ќе се најдат на удар, тврди германскиот министер за надворешни работи Хеико Маас.

„…. Поради тоа е неопходно да ја зајакнеме европската автономија создавајќи канали за плаќање кои се независни од САД, како Европски монтарен фонд и независен ситем SWIFT… Секој ден со договорот на сила е подобар од многу експлозивната криза којашто во спротивно би можело да го погоди Блискиот исток“, напиша меѓу другото шефот на германската дипломатија, Хеико Мас, во написот објавен во деловниот дневен весник Handelsblatt.

Мрежата за плаќања SWIFT, чиешто седиште е во Белгија и преку којашто се одвиваат повеќето светски прекугранични трансакции во 2012 година го исклучи Иран откако САД и ЕУ се договорија за воведување санкции против Техеран поради неговите нуклеарни активности.

Сеопфатниот меѓународен договор меѓу Иран и шесте светски сили од 2015 година ја ограничи иранската нуклеарна програма и ја направи подложна на постојани меѓународни инспекции, во замена за укинување на децениските меѓународни економски и финансиски санкции. Со овој договор значително се одложува периодот кој би му бил потребен на Иран да збогатува ураниум до нивото од кое лесно може да дојде до нуклеарно оружје, но официјален Техеран секогаш тврдел дека тоа воопшто не му е намерата.

Американскиот претседател Доналд Трамп на почетокот од мај ги повлече САД од овој договор потпишан во времето на неговиот претходник Барак Обама, оценувајќи дека има многу недостатоци. Потоа на почетокот од август воведе нови санкции против Иран, тврдејќи дека Техеран наводно не се придржува до договорот што го негираа меѓународните инспекции, а како причина ги додаде и иранската ракетна програма и иранското влијаени во регионот на Блискиот исток, односно во земјите каде што живеат шиитските муслимани.

Оваа одлука на Трамп беше поздравена од регионалните ривали на Иран, во прв ред Израел и сунитската вехабистичка монархија Саудиска Арабија, но другите потписнички на договорот, во прв ред Русија, Кина и земјите членки на ЕУ –Германија, Франција па и Велика Британија, предупредија дека повлекувањето на САД од договорот и евентуалниот одговор на Иран на новите санкции, ја прави лесно запаллива ситуацијата на Блискиот исток.

Европските економски сили се трудат да осигурат Иран да задржи доволно економска полза за да можат да го наговорат Техеран да се придржува до договорот за ограничување на неговата нуклеарна програма и покрај истапувањето на САД. Ваквите европски напори се покажаа претешки, бидејќи многу европски компании стравуваат од американските финансиски одмазди па од Иран веќе се повлекоа францускиот нафтен гигант „Total“, како и роизводителите на автомобили, француските „PSA“ и „Renault“, како и германски „Daimler“. Претходно оваа седмица повлекување од иранскиот пазар објавија и германското државни железничко претпријатие „Deutsche Bahn“ и германскиот телекомуникациски гигант „Deutsche Telekom“.

Иран седмицава ја повика Европската унија да ја засили својата иницијатива за спасување на договорот, по повлекувањето на споменатите компании од ова земја.

Покрај одлуката за санкциите кон Иран и сите што соработуваат со него, и воведвуањето од пролетва на царините на увозот на челик и алуминиум од Европската унија и најавата за зголемување на давачките во автомобилската индустрија, како и најавите за одмазнички мерки на Брисел, ги влоши односите меѓу Унијата и Соединетите држави.

„Земајќи ги предвид околностите, од стратешка важност е на Вашингтон јасно да му кажеме: сакаме да соработуваме… Меѓутоа нема да дозволиме да им наштетите на нашите интереси, без да се советувате со нас. Затоа би било подобро да се заштитат еропските компании од санкции од правен апсект“, пишува Маас уште во својот напис.

Европската унија неодамна се обврза дека ќе се спротистави на враќањето на американските санкции против Иран, што вклучува и нов закон кој ќе ги заштитува европските компании од казнени мерки.