Германскиот извоз на оружје – што треба да се знае?

Германските производители на оружје се жалат дека тензијата во билатералните односи меѓу Берлин и Анкара му прави големи штети на овој бизнис. Што е вистината? Германската телевизија „Deutsche Welle“ направила анализа на порачките на оружје, кои производителите во Германија ги испорачале за други држави во светот.

Раководителот на најголемиот производител на оружје во Германија е со став дека тензијата меѓу Берлин и Анкара практично го прави невозможно развивањето на бизнисот на неговата фирма со Турција. За да ги нудат своите услуги и продукти во странство, германските производители на оружје треба да добијат специјално овластување од Министерството за економија во Берлин.

Ако односите со Турција не се подобрат ќе биде тешко да се добие овластување од Германија, вели извршниот директор на „Рајнметал“ Армин Папергер, жалејќи се дека дузина билатерални договори се ставени под знак прашање поради дипломатската тензија меѓу двете земји.

Оружјето е важно, иако е многу контроверзен дел од индустријата на Германија. Намалувањето на продажбата на Турција може да доведе до поголемо влошување во секторот, но изгледа дека германските производители на оружје имаат мноштво други потенцијални клиенти.

Колку е голема трговијата на оружје на Германија со Турција?

Како одговор на официјалната истрага во септември, годинава, германското министерство за економија сооопшти дека во првите осум месеци од 2017 година, одобрило зделки за продажба на оружје на Турција во вредност од 25 милиони евра. Во споредба со истиот период претходната година, вредноста на договорите се намалила за 69 милиони евра.

Согласно податоците на одделот, одобрениот извоз се состои главно од продажба на бомби, торпеда и ракети. За споредба, во првите четири месеци од годинава, со Шведска биле склучени договори во вредност од 30,6 милиони евра, а со Швајцарија во износ од 22,7 милиони евра. Алжир и Литванија купиле оружје за 830, односно за 469 милиони евра, и со тоа ги завземаат челните позиции на листата најголеми клиенти во купувањето германско вооружување.

Каде се наоѓа Германија меѓу светските извозници на оружје?

Често може са се чуе дека Германија е третиот најголем извозник на оружје во светот, но официјалните статистички податоци не се целосно веродостојни, ниту целосно ажурирани. Она што изгледа сигурно е дека Германија е меѓу првите пет во светот, по обемот на продажба, заостанувајќи многу зад САД и Русија. Германскиот извоз на оружје е повеќе споредлив со оној на Кина и на Франција. Во 2016 година владата во Берлин издаде одобренија за продажба на оружје во износ од 6,85 милијарди евра.

Според пресметките на Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот (SIPRI), минатата година, извозот на оружје на Герминија учествувал со околу 5,6 отсто на светско ниво. Германија има широка лепеза на клиенти во овој сектор и тоа од десетици различни земји, вклучително и САД, Велика Британија, Грција, Бразил, Јужна Кореја и Индија. Според германската влада, 46,4 отсто од одобренијата за продажба на оружје се за држави членки на НАТО, вклучително и Турција.

Дали германскиот извоз се зголемува или се намалува?

Одговорот на ова прашање зависи од гледната точка на ситуацијата. Побарувачката на оружје пораснала драстично во 2015 година, и тоа во најголем дел од земјите од Блискиот исток и од Северна Африка, со што моментно германските нивоа на извоз остануваат релативно високи. Компанијата „Jane’s Defense“ пресметала дека до 2018 година Блискиот исток и Северна Африка можно е да учествуваат и со 40 отсто од севкупниот извоз на оружје на Германија.

Ако се гледа на покус временски период, германскиот извоз на оружје се намалува. Регистрираните 6,85 милијарди евра во 2016 година претставуваат значителен пад во однос на рекордните 7,86 милијарди евра во 2015 година. И официјалните податоци за одобренијата за извоз во првите четири месеци од годинава (2,42 милијарди евра), исто така се значително пониски во однос на оние од истиот период лани (3,3 милијарди евра). Намалувањето на бројот на издадени лиценци за продажба се должи на зголеменото внимание на владата во Берлин кон потенцијалните купувачи. Во 2013 година Германија вети дека ќе го намали обемот на извоз на оружје, по острите критики кои ги доби владата во Берлин за некои од склучените зделки.

Кои други продажби на германско оружје предизвикаа контрадикторности?

Германија обезбедила оружје за дузина држави со сомнителна репутација, кога станува збор за човековите права, а меѓу кои на пример се Саудиска Арабија и Катар. Берлин оружје им продава и на Египет и на Обединетите арапски емирати (ОАЕ) – две земји обвинети за тортури.

Иако на крајот беше одобрена, зделката за продажба на подморници на Израел, во вредност од околу 1,5 милијарди евра, наиде на жестока критика поради скандалозниот корупциски скандал во високите нивоа на власт во оваа блискоисточна држава. Кон тоа треба да се додадат и предупредувањата од експерти, кои потенцираат дека германските подморници продадени на Израел, може да бидат модифицирани за да се опремат со нуклеарни боеви глави.