Google вложува 300 милиони долари за справување со лажните вести

Најголемиот интернет пребарувач Google покренува проект со кој сака да ги искорени лажните вести на мрежата, како и оние во текот на круцијалните светски настани во следните три години под изговор дека се унапредува точноста и квалитетот на вестите кои се појавуваат на неговите платформи, и во кој ќе бидат вложени 300 милиони американски долари, објави компанијата на својот блог.

Иницијативата којашто се нарекува „Disinfo Lab“, ќе користи комјутерски алатки и новинарски надзор за да го следи ширењето на оние вести коишто ќе ги оценат како дезинформации во текот на избори.

Овие промени доаѓаат откако компаниите Google, Facebook и Twitter се соочија со сомнежи во јавноста, но во прв ред од политичарите, во текот на американските претседателски избори во 2016 година, поради наводно дозволување на ширење на лажни вести и малициозни информации кои би можеле да влијаат Американците да гласаат за републиканскиот кандидат Доналд Трамп.

Од Google соопштуваат дека веќе вовеле свои пребарувачки алгоритми за препознавање на „дезинформациите“, но дека сега ќе продолжат да „вложуваат напори“.

Во одделна објава, од оваа компанија објавија дека покренуваат и алатка којашто би ја олеснила претплатата на медиумските публикации. Со тоа ќе им се овозможи на корисницие да се претплатат на партиципирачки медиуми корстејќи ја сметката на Google, како и да управуваат со сите претплати од едно место.

Од компанијата велат дека, меѓу другото, покренале претплата на вести со американските The Financial Times и The New York Times, со француски Le Figarо и со британски The Telegraph. Обајвија, исто така, дека наскоро планираат да додадат на оваа листа уште неколку медиумски издавачи.

Во Google, кој е обвинет дека ги зема парите за огласување коишто би требале да им припаднат на печатените медиуми, признаваат дека новинарството се нашло „под притисок“ во сегашната дигитална ера. Меѓутоа, порачуваат дека сега имаат „заедничка мисија“ со оваа индустрија, како и дека сакаат да ја поддржат во иднина.

Компанијата, исто така, го покренува и проектот „Media Wise“, меѓу другите и во партнерство со универзитетот Стенфорд, за да им „помогне на младите читатели“ да ги „разликуваат фактите од фикциите на интернет“.